Втор ден Јанева го игнорира Собрание

Втор ден специјалната јавна обвинителка Катица Јанева не се појави на седница на собраниската комисија за политички систем каде на дневен ред е разгледување на шестмесечниот извештај на институцијата којашто ја раководи Јанева.

Поради неприсуството на Јанева, претседател на комисијата, Влатко Ѓорче ја одложи за утре.

„Бидејќи не се создадени деловнички услови за одржување на седницата, истата ја презакажувам за утре“, рече Ѓорчев.

Тој додаде дека не добил известување од Јанева дека нема да присуствува на денешната седница. Јанева по демонстративното напуштање на комисиската расправа во понеделникот повеќе не се врати во Собранието. Таа тогаш рече дека пратениците и’ прават мобинг и дека во парламентот ќе дојде кога извештајот ќе биде ставен на пленарна седница.

Опозицијата пак критикува дека владејачкото мнозинство се обидува да го избегне разгледувањето на извештајот на републичкиот јавен обвинител Марко Зврлевски.

„Одложувањето на седницата е само обид на ВМРО-ДПМНЕ да не се расправа за Извештајот на Марко Зврлевски“, вели Горан Сугаревски, координатор на пратеничката група на СДСМ.

Владејачката партија ја повика Јанева да дојде во Собранието и да одговори на прашањата кои останаа без одговор. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски вчера рече дека тоа е нејзина одговорност според Уставот, законите и деловникот за работа на Собранието.

„Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ инсистира госпоѓата Јанева да се врати на седница на Комисијата за политички систем зошто тоа е нејзина одговорност според Уставот, законите и Деловникот за работа на Собранието. Инсистираме СЈО да достави комплетен и целосен Извештај во кој ќе има информации каде се потрошени 60 000 000 денари за кои Катица Јанев одбива да даде одговор. Инсистираме Катица Јанева да ја повлече и да се извини за изјавата дека Собранието на Република Македонија не е легитимно. Почитувани, доколку СЈО и госпоѓата Катица Јанева не постапат во согласност со Уставот и законите, сакаме да потенцираме дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија воопшто нема да прифати разгледување на било какво барање и предлог од страна на СЈО“, рече Димовски.

Од Специјалното обвинителство одговарајќи на повиков од ВМРО ДПМНЕ велат тие не одговараат на ултиматум, а сметаат дека Јанева ја исполнила својата обврска кон Собранието.

„СЈО ја исполни својата обврска и го презентира својот извештај, а прашањата што останаа неодговорени немаат никаква врска со извештајот. Обвинителката јасно кажа дека повеќе нема да присуствува на комисиската расправа. Ние не сме тука да ни се поставуваат ултиматуми“,  рече Ристоска.

Одбивањето на Јанева да даде отчет пред Собранието, правните експерти го толкуваат како елементарно непознавање на правото.

„Со секојдневното покажување на елементарно непознавање на правото, но и на начинот како функционира македонскиот политички систем, Јанева полека но сигурно станува срам за високото правничко образование, но и срам за државата воопшто“, вели професорката на Правниот факултет, Тања Каракамишева Јовановска.