Втор круг на претседателски избори во Полска на 24 мај

Официјалните резултати од првиот круг на претседателските избори во Полска ја потврдија победата на опозицискиот кандидат Анджеј Дуда над полскиот претседател Бронислав Коморовски.

Централната изборна комисија по полноќ соопшти дека на неделните избори Дуда добил 34,76, а Коморовски 33,77 отсто од гласовите на избирачите. Со оглед на фактот дека ниту еден кандидат не освои повеќе од 50 отсто од гласовите, вториот круг од изборите ќе биде одржан на 24мај.

Резултатите на анкетите спроведени во пресрет на изборите покажуваа дека Коморовски убедливо води.

Павел Кукиз, рок музичар, беше трет со 20,8 отсто од гласовите.

Поразот на Коморовски, кој според испитувањето на јавното мнение, беше еден од лидерите во кој Полјаците имаат најмногу доверба, е знак дека парламентарните избори на есен ќе бидат многу непредвидливи, пренесуваат американските медиуми, наведувајќи дека победата на 42-годишниот Дуда, член на Европскиот Парламент, е најголемиот шок во полската политика во последните години.

Коморовски изјави дека резултатот е „сериозно предупредување“ за оние кои сакаат „разумна Полска“.

Резултатот претставува изненадување бидејќи според предизборните анкети, кандидатот на Граѓанската платформа и актуелен шеф на државата, Коморовски, важеше за убедлив фаворит, додека неговиот главен ривал, Дуда, кандидат на партијата Право и Правда, значително заостануваше зад него.

Врз основа на анкетата што на 29 април ја направи ТВ24, Коморовски имаше поддршка од 42 отсто избирачи, додека малку познатиот Дуда го подджуваа 27 отсто од избирачите.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.