Втор заболен од ебола во Тексас

Второ медицинско лице од Презвитеријанската болница во Далас е позитивно на вирусот ебола, соопшти Одделот за здравствени услуги во американската држава Тексас, објави МИА.

Името не е соопштено, но веројатно станува збор за жена која како медицинска сестра била во тимот што бил задолжен за третман на заразениот Либериец Томас Данкан кој почина во таа болница, јавуваат американски медиуми.

Жената вчера имала зголемена температура и итно е префрлена на клиниката и изолирана. Направен и бил тест во лабораторија во Остин, на кој била позитивна на ебола, и претстои втор во федералниот Центар за контрола и превенција на болести во Атланта, во државата Џорџија.

Медицинската сестра дала податоци за тоа со кого била во контакти по што и тие лица биле ставени во изолирани соби и врз нив се вршат медицински тестови. Тоа е втор регистриран случај на пренесување на вирусот од човек на човек на територијата на САД.