Втора победа на Хрватска, Србија доживеа уште еден пораз

Хрватските ракометари ја забележаа во неделата и втората победа во Групата А од европското првенство, по победата на Србија (32:22) во првото го совладаа и Исланд со 29:22, додека српската селекција го доживеа и вториот пораз на шампионатот од селекцијата на Шведска со 25:30.

Иако пред мечот се сметаше дека Хрватска ќе има тешка задача со Исланд кој во првото коло ја совлада Шведска, во салата во Сплит само првото полувреме нејзините ракометари му пружија шанса на противникот (14:13). На самото отворање на второто полувреме Хрватите направија серија до 12 минута од 8:2 со што направија недостижна разлика од 22:15, која ја одржаа до крајот на натпреварот.

Играчот на актуелниот европски шампион скопски Вардар, Лука Циндриќ, со седум погодоци ја предводеше Хрватска до победата, Мануел Штрлек постигна пет, додека Игор Карачиќ, Лука Степанчиќ и Марки Мамиќ постигнаа по четири голови. Третиот „вардарец“ покрај Карачиќ во хрватската селекција, Иван Чупиќ, беше стрелец на два гола.

Кај Исланд најефикасни беа Арон Палмарсон со пет голови, Арнор Тор Гунарсон со четри, и Омар Инги Магнусон и Јанус Дади Смарсон со по три гола.

Претходно во меч од истата група ракометарите на Шведска ја совладаа Србија со 30:25 и практично нејзините шанси за останување на турнирот ги сведоа на теорија. И покрај конечните „плус 5“ за Шведска, Србите на седум минути пред крајот при резултат 22:23 имаа чиста контра за израмнување која не ја реализираа, а потоа примија во серија три гола.

Шведска, четирикратен европски шампион, со оваа победа се избори за вториот круг, бидејќи во првиот меч беше поразена од Исланд со два гола разлика, па во можниот круг од три екипи имаат позитивна гол-разлика.

Шведска до победата ја водеа Албин Лагергрен со пет голови, додека по четири постигнаа Јохан Јакобсон, Нуклас Екберг и Лукас Нилсон. Одлична изведба имаше шведскиот голман Микаел Апелгрен со 19 одбрани. Во селекцијата на Србија Немања Илиќ постигна пет голови, а Петар Ненадиќ беше стрелец на четири погодоци.

На табелата во оваа група Хрватска води со четири бодови, Исланд и Шведска имаат по два, доека Србија е последна без бодови.

Во последното коло во вторник Хрватска игра со Шведска, додека Србија ќе ги одмери силите со Исланд. Трите најдобри селекции од секоја група го продолжуваат натпреварувањето.