Македонија

Второ место во Европа за учениците од СУГС „Лазар Танев“

Второ место во Европа за учениците од СУГС „Лазар Танев“
Второ место во Европа за учениците од СУГС „Лазар Танев“

Учениците од Средното угостителско-туристичко училиште на Град Скопје „Лазар Танев“ освоија второ место во Европа на натпреварот во „туристички дестинации“ меѓу 206 училишта од Италија и од 13 земји од Европа, кој што од 5 до 8 мај се одржуваше во Италијанскиот туристички град Џулијанова.

Со македонскиот штанд аранжиран во етно-стил и уште поубавата презентација на англиски јазик учениците Христијан Исајловски и Христијан Николовски под менторство на професорката Билјана Николовска по вторпрат за 6 години на истиот традиционален натпревар на Република Македонија и донесоа огромен публицитет и афирмација пред туристичка Европа и пред жителите на преубавото монденско туристичко место во срцето на Италија -Џулијанова.

Стручното жири на натпреварот беше составено од членови од Министерството за туризам на Италија, од Секторот за туризам на Регионот Абруцо, од инспекторатот за туризам на градот Џулијанова, менаџери од два најелитни хотели, двајца туроператори од регионот, како и двајца професори по англиски јазик од универзитетите во овој туристички регион.

Vtoro mesto vo Evropa za ucenicite od SUGS Lazar Tanev (2)

Презентацијата на течен англиски јазик беше пресудна за освојување на второто место. Учениците од СУГС „Лазар Танев“ одговорија на сите прашања на жирито за алтернативните видови туризам во Македонија, за потеклото на народните носии во кои беа облечени нашите ученици, како и за специфичностите и автентичноста на богатиот асортиман производи кои беа презентирани на нашиот штанд.

Штандот беше посетен од преку 25.000 посетители, и според бројот на гласови од посетителите беше на прво место. На дегустацијата која ја започна жирито, најбарани и највкусни беа велигденските јајца, квалитетните македонски вина, жолтата ракија, ајварот, малиџаното, белото сирење, квалитетните сувомесни и млечни производи, локумот, милибродот и специјалните пецива изработени во нашето училиште, а проспектите, сувенирите и преостанатиот туристички материјал беа најбрзо поделени на посетителите на штандот.

Vtoro mesto vo Evropa za ucenicite od SUGS Lazar Tanev (4)

Учениците на СУГС „Лазар Танев“ се стекнаа со многу нови знаења и пријателства, а училиштето се стекна со нови партнерства со дваесетина училишта од Италија, Финска, Шведска, Португалија, Летонија, Русија, Хрватска, Србија, Австрија, Франција, Словенија, Луксембург, Малта и од други европски држави.