ВИДЕО: Вучиќ и демократите се честеа со навреди

На вчерашната седница на српскиот Парламент на која се дебатираше за буџетот за следната година расправата постојано беше на работ на инцидент. Со зголемени емоции и без нималку тактичност пратениците и претставниците на Владата си разменија серија лични навреди.

Српскиот премиер Александар Вучиќ пред пратениците се осврна на шегите што во јавноста се прават на сметка на Владата дека само во Србија се прави ребаланс на ребалансот.„ Се надевам дека следната година ќе има  барем четири или пет ребаланси за да покажеме колку сме заштедиле“,  рече премиерот Вучиќ.

– Ребалансот го донесовме бидејќи имавме повеќе приходи отколку што испланиравме, повеќе заштедивме и ние заради тоа сме среќни, а и граѓаните треба да бидат среќни, рече Вучиќ.

Тој со зачуденост контатира дека не може да верува дека амбасадорите на Германија и САД, на пример, повеќе ја сакаат неговата земја отколку пратениците, бидејќи овие дипломати позитивно зборуваат за мерките на Владата, отколку многумина во земјата.

Во расправата Вучиќ ги обвини демократите дека „изеле“ 14 години од оваа земја и дека се најобични кукавици, односно дека немале храброст да ги спроведат тешките реформи. На овој начин, тој реагираше кога пратениците на Демократската партија му дофрлаа за време на неговото обраќање.

Вучиќ на демократите им порача дека „се силни и храбри и се закануваат само кога нема кој да им одговори“, односно дека немале храброст, заради што Србија денеска се наоѓа во така тешка состојба.

Премиерот додаде дека цел ден слушал како тие се закануваат и дека тој дошол во Парламентот за да им одговори, бидејќи не им се плаши.

– Вие сте најобични кукавици и ништо повеќе. Тоа сте биле и тоа останавте, порача Вучиќ обраќајќи им се на пратениците Драган Шутановац и Борислав Стефановиќ.

На оваа навреда од местото стана Драган Шутановац и нешто жолчно му дофрлуваше, за што му беа изречени  две опомени од спикерот.

Вучиќ побара од претседавачот со седницата да им дозволи на демократите да викаат „ за да им биде полесно“.

– Со шест отсто поддршка не ми ни паѓа на памет да владеам некаде, а нема да владеам ниту со 16, ниту со 26 отсто. А Вам власта Ви е  се, ништо друго освен гола власт никогаш не сте ни сакале. А јас сакам луѓето да ме запаметат дека некогаш нешто сме направиле за нив и по тоа ние се разликуваме. Значи,  ветив дека кога ќе имам 26 отсто поддршка, што вие никогаш не сте ги имале, нема да бидам премиер, рече Вучиќ.

На поранешниот српски премиер Зоран Живковиќ, кој се обидуваше нешто да каже од пратеничките клупи, Вучиќ му порача „ својот тепачки речник да го остави на улица и на бандерите и со него да не влегува во Парламентот“.

Шефот на пратениката група на демократите во Парламентот, Бранислав Стефановиќ, по говорот на Вучиќ оцени дека во него видел многу бес, примитивизам и простотилак

– Вие денеска покажавте исклучително висок степен на нервоза, бес, примитивизам и простотилак. Ниту еден претседател на Влада никогаш вака не разговарал со народните пратеници. Сето време викавте на нас и не прашувавте зошто  Ви се закануваме. Јас зборував за политичкиот бумеранг и тој сигурно ќе ве стигне, штом вака Ви ракоплескаа за таа празнина, возврати Стефановиќ.

Тој изјави дека заради ваквото обраќање до пратениците Вучиќ на граѓаните им должи извинување.

Вучиќ одговори дека кажал само една навреда – кукавичлук, а дека самиот тој со години наназад трпи навреди од демократите.

Претседавачот со седницата Игор Бечиќ на пратеникот Зоран Живковиќ, кој бараше реплика, му кажа дека „со својот уличарски речник не ни заслужил да добие збор“. На оваа забелешка Живковиќ возврати со : „Стоко една“!

По оваа навреда, Бечиќ на пратеникот Живковиќ му ја изрече третата опомена и мерката отстранување од салата. Потоа ја прекина седницата и го замоли обезбедувањето да „постапи според изречените опомени“. Живковиќ потоа самиот ја напушти салата.