Македонија

Вучиќ: Не се мешаме во внатрешните работи на другите земји

Вучиќ: Не се мешаме во внатрешните работи на другите земји

Српскиот премиер Александар Вучиќ за весникот „Данас“ изјави дека Србија не се меша во внатрешните работи на другите земји, пренесува МИА, повикувајќи се на Танјуг.

Прашан како ја коментира ситуацијата во Македонија, Вучиќ кажа: „Не се мешаме во внатрешните работи на другите земји“.

Во кумановското „Диво насеље“, изминатиот викенд, по нападот на албанските терористи врз полицијата, избија судири меѓу македонските вооружени сили и терористите, пренесе Танјуг.

Во дводневната акција на македонската полиција загинаа осум полицајци, убиени се 14 терористи, додека повредени се повеќе од 37 полицајци.

Македонските власти во неделата навечер соопштија дека е „елиминирана најопасната терористичка група во регионот“.

Инаку, во повеќе македонски градови од 5 мај се одржуваат протести на опозицијата која бара оставка од премиерот Никола Груевски, јавува Танјуг.

Дипломатските мисии на САД, ЕУ, ОБСЕ и НАТО во Скопје изразија жалење за настаните во Македонија, нагласувајќи дека е ова моментот кога македонските лидери треба да се здружат во дијалогот за сите прашања со кои државата се соочува, вклучувајќи ја и политичката криза и неопходните реформи.

И Европската комисија, изрази жалење за животите кои беа изгубени во операцијата во Куманово и истакна дека се надева дека последните настани ќе ги наведат лидерите во Македонија на соработка и сериозен дијалог за сите проблеми со кои земјата е соочена.