Вучиќ: Пилотите не се виновни, тие се херои

Српскиот премиер, Александар Вучиќ денеска изјави дека Обвинителството ќе го испита секој вид кривична одговорност за уривањето на воениот хеликоптер при што загинаа седум лица.

– Секаков вид политичка одговорност барајте од мене, додаде тој.

Тој истакна дека членовите на екипажот се херои, а не виновници и оти јавноста треба да прекине со хајката на нив.

– Задоволете се со тоа дека бркавте и обвинувавте министри, генерали и полковници и сега ве молам не го обвинувајте Омер Мехиќ. како и безброј пати досега сакаше да спаси едно дете, но не успеа, самиот ја плати цената. Омер не е виновен, како ни Бандиќ, и многу други, изјави Вучиќ на прес-конференцијата во Белград.

Според него, за да биде ставена точка на приказната за хеликоптерот, потребно е обвинителството, кое е самостоен орган, да ја изврши својата работа и во тоа никој нема да се меша.

Во извештајот на српското Обвинителство за падот на воениот хеликоптер се наведува дека во крвта и урината на пилотот Омер Мехиќ се пронајдени траги на алкохол, објави Б92.

Вучиќ смета дека овој извештај не требал да се објавува.

Резултатите од обдукцијата на жртвите во несреќата покажуваат дека во крвта на пилотот имало 0,68 промили алкохол, а во урината 1,30 промили.

– Одговорност за несреќата носи водачот на екипажот на хеликоптерот ХТ-48, а дел од одговорноста имаат и другиот пилот и техничарот во пилотската кабина. Дел од одговорноста сноси командантот 204 поради пропусти во планирањето и организирањето на летот и поради пропусти во организацијата и раководењето со летот. Евентуална одговорност на контролата на аеродромот „Никола Тесла“ ќе утврди Контролата на летот, се наведува во извештајот на обвинителството, објави српскиот портал ТВ Б92.

Претходно Високото јавно обвинителство соопшти дека одговорноста за падот на воениот хеликоптер примарно е на членовите на екипажот, како и дека постојат сомнежи дека дел од одговорноста сносат и други воени и цивилни лица.

Воен хеликоптер, кој пренесуваше бебе во животна опасност од Нов Пазар, се урна на 13 март во близина на белградскиот аеродром „Никола Тесла“. Во несреќата загинаа седум лица, а по падот војската на Србија формира две комисии за утврдување на причините за несреќата.