Балкан

Вучиќ: Стратешка цел на Србија е патот кон ЕУ

Вучиќ: Стратешка цел на Србија е патот кон ЕУ

Српскиот премиер Александар Вучиќ потенцира дека Србија не мора да бира меѓу Русија и ЕУ, бидејќи тоа веќе го направила и се наоѓа на патот кон Унијата, што е стратешка цел на земјата и нагласи дека сака добри односи со соседите, бидејќи без стабилност нема ни напредок во регионот, пренесе МИА.

Во интервју за денешното издание на виенскиот весник „Пресе“ Вучиќ потенцира дека Србија сака освен членството во ЕУ да ги сочува и традиционално добрите односи со Русија.

Српскиот премиер истакна дека засега не постои притисок од ЕУ на Белград да се приклучи кон санкциите против Русија, укажувајќи дека земјата во следните години ќе мора својата надворешна политика да ја хармонизира со онаа на Унијата. Тој се заблагодари што земјите од ЕУ ја разбираат тешката ситуација на Србија, објаснувајќи дека земјата е многу зависна од руските енергенси, па мора да внимава на своите интереси.

Вучиќ се заложи за решавање на проблемите на српското население во Косово и рече дека следната средба во рамките на дијалогот Белград Приштина ќе биде одржан на 9 февруари во Брисел. Тој уште истакна дека Србија го почитува територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина и оти земјата ќе се обиде да има добри односи со Хрватска и по стапувањето на должност на новата претседателка Колинда Грабар Китановиќ, со оглед на тоа дека таа имала некои „не така добри“ изјави за Србите кои живеат во Хрватска.