Вучиќ: Без согласност на Русија во ОН невозможно е секое решение за Косово

Решението за поранешната јужна српска покраина Косово и Метохија, која во 2008 година со поддршка на САД и европските влијателни земји еднострано прогласи независност, во Обединетите нации ќе зависи од ставот на Русија, порача од Москва српскиот претседател Александар Вучиќ по синошеќните разговрои со рускиот колега по должност Владимир Путин.

„Русија недвосмислено и јасно ќе ги изнесе своите ставови по прашањето на Косово и Метохија, а без Русија е невозможно она што е многу важно, а што и самиот му го кажав на Путин – дека без каква и да е руска согласност во ОН е невозможно да се добие некакво решение“, изјави Вучиќ за белградските медиуми кои ја следат неговата посета на руската престолнина.

Русија, како што рекол Вучиќ, „многу активно ќе ги следи разговорите“ за Косово и „секогаш правовремено ќе реагира на одреден начин“ на сето она што ќе се случува.

По разговорите со Путин, за српските новинари во Москва, Вучиќ рекол и дека Русија „на активен и значаен начин ќе учествува во следењето на севкупниот процес и ситуациајта во односите меѓу Белград и Приштина, особено влијанието на разните меѓународни фактори на ова прашање“.

Вучиќ потврдил дека Путин ја прифатил неговата покана до крајот на годинава да ја посети Србија, но дека датумот на посетата ќе биде дополнително усогласен.

„Тогаш ќе му ги покажеме нашите економски резултати, но и понапредната, сериозна и посилна војска отколку што беше кога последен пат ја посети нашата земја“, рекол Вучиќ.

„Војската на Србија ќе биде посилна, а Србија побезбедна кога ќе го набави вооружувањето од Русија…., но не за некакви судори туку за да може да ги спречи“, рекол Вучуќ кој во вторникот на Путин му потврдил дека Србија никогаш нема да стане членка на НАТО и оти ќе ја сочува својата воена неутралност.

Вучиќ, инаку, е првиот странски челник кого го прими Путин по претседателската инаугурација во понеделникот.