Балкан

Вучиќ: Хрватска има двојни стандарди за бегалската криза

Вучиќ: Хрватска има двојни стандарди за бегалската криза

Српскиот премиер Александар Вучиќ изјави дека Хрватска во решавањето на бегалската криза има двојни стандарди.

Тој воедно побара од хрватските власти да се занимаваат со својата земја и Србија да не им биде главна земја и цел во политичката кампања.

Вучиќ синоќа во интервју за хрватската телевизија Ер-Те-Ел изјави дека пет и пол месеци луѓето преку Србија одеа во Унгарија и дека за Хрватска тоа тогаш не било тема, нити пак барала еднаков пристап.

– Вие имате различни аршини. Еднаш ви се допаѓа, а друг пат не. Јас тука не можам да помогнам и тоа со Србија нема никаква врска. Само оставете не на мира. Ништо не бараме од вас, истакна српскиот премиер.

Вучиќ на прашањето што ќе направи за подобрување на вака нарушените односи, одговори дека Србија веќе сторила се.

– Ние направивме се, од истата секунда ги укинавме нашите мерки откако вие ги укинавте вашите. Нашата земја е отворена за сите хрватски граѓани. Ние немаме никакви забелешки на вас, ние не зборуваме ништо против вас, не сме заинтересирани за вашата изборна кампања, нагласи тој.

Вучиќ повторно истакна дека Србија е подготвена за соработка со сите и дека е подготвена да соработува со Хрватска.