Балкан

дебакл на српската опозиција на локалните избори Вучиќ и СНС убедливи победници на изборите во Белград

Вучиќ и СНС убедливи победници на изборите во Белград

Листата „Александар Вучиќ – Зашто го сакаме Белград“ е победник на изборите за српската престолнина, покажуваат податоците на Градската изборна комисија, за изборите на кои од 1.606.693 запишани гласачи излегле 51,3 отсто од избирачите.

Листата на владејачката Српска народна партија (СНС) освила 44,9 отсто од гласовите, што ѝ дава апсолутно мнозинство во градскиот парламент, односно 64 од 110 мандати и ќе може самостојно да ја формира владата на Белград.

Како што соопшти ИПСОС, цензусот од 5 отсто ја минале само уште четири од 24-те изборни листи. Така, второпласирана е опозициската листа „Драган Ѓилас – Белград одлучува, луѓето победуваат“ на поранешниот белградски градоначланик со 18,8 отсто од гласовите или 26 мандати, изборната листа на поранешниот југословенски и српски ватерполо репрезентативец Александар Шапиќ е на третото место со 9,3 отсто поддршка или 12 мандати, на четвртото место е листата на шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ односно на СПС и Драган Марковиќ Палма – ЈС со 5,6 отсто или 8 советнички места.

Изборен дебакл неочекувано доживеа листата на чело со опозициската Демократска партија (ДС) која освои 2,2 отсто од гласовите. Според податоците на ИПСОС, листата на ДЈБ-Двери со 3,8 отсто гласови остана под цензусот. Листата не го даваме Белград освои 3 отсто, партијата на Воислав Шешељ СРС добила 12,4 отсто, а ДСС 1,1 отсто. Заветниците освоиле 0,7 отсто, листата на Марко Бастиќ „Што правите, бре“ 0,6, а ПОКС 0,5 отсто од гласовите. Зелената партија добила 0,4 како и Руската партија 0,4 отсто, Партијата на правдата и помирувањето на Муамер Зукорлиќ и ЛДП 0,2 проценти. Интересно е дека повеќе глсови од партијата на Чедомир Јовановиќ ја освоија Заветниците, Руската партија, Марко Бастаќ, Партијата на зелените и Движењето за обновување на Кралството Србија.

Видно задоволен од резулатите, српскиот претседател Александар Вучиќ доцна ноќта во седиштето на партијата изјави дека станува збор за најдобриот изборен резултат на партијата во Белград и посочи дека некои листи на кандидати на претседателските избори кои освоија 30 отсто од гласовите сега освоија само 18 проценти.

„Се покажа вистинското и демократско лице на Србија“, порача Вучиќ.

Кандидатот за градоначалник на Белград, кој се избира со двотретинско мнозинство од советниците на првата конститутивна седница на Скупштината, Драган Ѓилас, ги нарече белградските локални избори „нејнечесните досега“ и најави активност за идните парламентарни избори.

„Ние од утре ќе ги повикаме сите луѓе кои сакаат промени да се подготвуваме за избори, веројатно во 2020 година, но можеби и порано“, изјави Ѓилас во неговиот изборен штаб.

На листата на Ѓилас „Блеград одлучува, луѓето победуваат“, беа и Народната партија на поранешниот претседател на Генералното собрание на ОН, Вук Јеремиќ и Движењето на слободните граѓани (ПСГ) на народниот правобранител Саша Јанковиќ. И Јеремиќ и Јанковиќ беа противкандидати на Вучиќ на минатогодишните претседателските избори.

Белградските избори го донесоа епитетот нов лидер на опозицијата за Драган Ѓилас, што може да доведе до реконфигурација на опозициската политичка сцена. Во секој случај, поранешниот градоначалник и некогашен лидер на ДС успеа да освои повеќе од два процента од резултатот на Саша Јанковиќ на минатогодишните претседателски избори. Дека има сериозни политички амбиции, Ѓилас минатата ноќ нагласи во директното остро обраќање до Александар Вучиќ, порачувајќи му дека ќе му биде потребно помалку време за да го отстрани од власта, отколку што нему му беше потребно да го смени во Белград.