Вучиќ порача дека Белград и Приштина ќе ги решаваат споровите во мир во интерес на граѓаните

Белград и Приштина сите спорови ќе ги решаваат во мир, гарантирајќи им на граѓаните сигурност, изјави во неделата вечерта српскиот претседател Александар Вучич по тројната средба во Брисел со високата претставничка на ЕУ за заедничка надворешна и политика и безбедност Федерика Могерини и косовскиот претседател Хашим Тачи за нормализација на односите меѓу Србија и нејзината поранешна јужна покраина Косово која пред десет години еднострано прогласи независност.

Како што се оценува во агенциските извештаи од неделните состаноци, кои се повикуваат на дипломатски извори, во неделата во Брисел не се постигнати конкретни резултати, меѓутоа е договорено продолжување на дијалогот.

„Договорено е сите проблеми да мора да се решаваат во мир, почитувајќи се меѓусебно и гарантирајќи ја сигурноста на граѓаните… Тоа е многу важна порака за сите Срби на Косово и Метохија, за сите граѓани на Србија“, изјави за Радио-телевизија Србија (РТС), српскиот претседател Александар Вучиќ и додаде дека на многу прашања сепак не се дадени одговори.

Неговиот косовски колега Хашим Тачи оцени дека средбата со Вучиќ со посредство на високата претставничка на ЕУ Федерика Могерини „била потешка отколку што може да се опише“, но дека станува збор за стогодишен проблем. „Не сум наивен да мислам дека веднаш ќе пронајдеме итно и волшебно решение за иднината“, рече Тачи. Косовскиот челник додаде дека со српскиот се согласиле дијалогот да продолжи во насока на постигнување конечно решение, но не ја исклучи можноста конечен договор и да не биде постигнат.

Вучиќ во изјавата се запраша „што доколку некој летово тргне да го зазема северот на Косово. Што би бил тогаш нашиот одговор?“. „Дали нашиот одговор би бил воен или да имаме уште една ‘Бура’ или ‘Блесок’?. Осигуривме мир за нашиот народ, никој да не гине“, рече Вучиќ за РТС додавајќи дека тоа е „важна придобивка“.
Вучиќ најави дека наскоро ќе ѝ се обрати на нацијата и истакна дека „нема ништо да потпишува“, бидејќи настојува да види дали постојат шанси „да се направи некој вид компромис“. Порача дека „политиката на Србија мора да биде многу поодговорна од политиката којашто беше во 1990-те и двеилјадитите години“.

„Ние мораме да го сочуваме народот на неговите огништа, но истовремено не смееме да дозволиме да му се случи трагедија којашто му се случуваше во тоа време“, истакна Вучиќ и најави низа тешки разговори со функционерите од ЕУ. „Ќе доаѓаат претставници на Европа во Белград, и кога ќе ги видите и кога нема да ги видите, ќе доаѓаме и ние почесто во Брисел“, рече шефот на српската држава истакнувајќи дека во неделата во Брисел е договорен „дијалогот да се интензивира“.

„Отворено разговараме за многу прашања. Не сум претеран оптимист, но тие прашања ги отворивме, што сметам дека е многу важно“, појасни српскиот претседател. Вучиќ притоа порача дека за каков и да е компромис мода да бидат вклучени „сите големи сили во светот“, доколку српскиот и албанскиот народ се согласат со компромис, истакнувајќи дека „тоа никој не може да го изведе без болни и добри работи и за едниот и за другиот народ“.

Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ во одделна изјава рече дека разговорите на челниците на Белград и Приштина биле „тешки“, како и дека нивните ставови и натаму се „значително далечни“.

Во неделата во Брисел по тримесечен застој во преговорите повторно се сретнаа Вучиќ и Тачи, но без оптимизам во однос на можен напредок во повеќегодишниот дијалог чиј покровител е Европската унија. Белградските медиуми главно се воздржани во коментарите и процените од средбата меѓу српскиот и косовскиот челник со Могерини, а според официјалните информации на масата требаше да се најдат „отворените прашања, како формирањето на Заедницата на српските општини, енергетиката и мостот во Косовска Митровица“. Од последните разговори на техничко ниво кон средината на мар, кога не беше остварено никакво придвижување, во меѓувреме дополнително се зајакнаа тензиите меѓу Белград и Приштина со заеми обвинувања на двете страни за неподготвеност на компромис.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.