Вучиќ: Србија ја избра воената неутралност а Македонија членството во НАТО, но во нас има искрен пријател

(Фото А. Васиљевић)

Српскиот претедател Алескандар Вучиќ порача во вторникот на средбата со македонскиот премиер Зоран Заев во Белград, дека Македонија во Србија има искрен пријател чијашто определност за добри односи и унапредувње на соработката не се доведуваат во прашање, како и дека Белград го поддржува европскиот пат на земјата, соопшти кабинетот на претседателот на Србија.

Претседателот Александар Вучиќ истакнал притоа дека Србија ја избрала воената неутралност, додека Македонија членството во НАТО, но дека е неопходно секоја земја да го почитува изборот на другата.

Претседателот Вучиќ и премиерот Заев разговарале за развојот на билатералните односи, ситуацијата во регионот и за европската интеграција којашто е определба и на двете земји, пренесува агенцијата Танјуг.

Српскиот претседател укажал на тоа дека заедничка цел и најголем интерес на двете земји треба да биде мирот и стабилноста во регионот, како и тоа дека Србија е отворена за сите иницијативи коишто придонесуваат за тоа.

Особено ја истакнал потребата од подобро инфраструктурно поврзување, како и зголемување на економската соработка и трговската размена.

Заев рекол дека двете страни треба да ги искористат сите можности трговската размена да достигне милијарда евра. Предложил и заеднички настап на градежните компании од двете земји на трети пазари, но и нивна соработка на заеднички инфраструктурни проекти. Македонскиот премиер изразил и подготвеност за трансфер на знаење од областа на дигитализацијата, во која Србија имала предност, како и искуствата од процесот на евроинтеграциите, според кабинетот на српскиот претседател.

Заев, покрај тоа, на Вучиќ му подарил и дрес на македонскиот фудбалски шампиони Вардар со бројот 9 и со името на српскиот претседател.