Вучиќ: Србија нема да ја формира ЗСО, сакаме да се зачува мирот

Србија нема да ја формира Заедницата на Српски Општини на Косово(ЗСО) и ќе се залага за зачувување на мирот, иако властите во Приштина не го исполниле ветеното од договорот во Брисел, изјави на прес конференција претседателот Александар Вучиќ.

Кога станав премиер на Србија во 2014 година го избравме патот за оздравување и напредок на Србија, а денес овие резултати се повеќе од видливи. Сметав дека едно од клучните прашања е решавање на проблемот на Косово и Метохија. Не постои лесно решение, ниту имало, ниту ќе има, рече Вучиќ.

Според него, Србија од 2013 година дала сè за да ги исполни сите договори, а дека Албанците, со премолчена согласност на меѓународната заедница, не ја исполниле својата единствена обврска, формирање на ЗСО. Затоа постојат два пата по кои Србија може да продолжи.

Еден би бил Србите сами да ја формираат ЗСО, а малкумина би можеле нешто да замерат бидејќи против тоа нема разумни аргументи. Од друга страна, ако Србите го сторат тоа Приштина едвај ќе чека, но и некои од меѓународната заедница. Многумина тоа би го дочекале да најдат причина, спротивно на волјата на Србите, и покрај договорот со НАТО, да влезат на север од Косово и да ја преземат контролата врз виталните ресурси, рече Вучиќ.

Затоа, според него, политиката на Белград ќе биде да се зачува мирот, стабилноста и да не се загрозува безбедноста на српските граѓани. Србија сега е многу повеќе почитувана од порано, но нема толку пари колку што имаат Албанците.

Ќе продолжиме да се бориме за да добиеме најмногу што можеме, а да загубиме најмалку што мораме. Нашиот совет е внимателно да ги следиме настаните во меѓународната заедница, да инсистираме на нашите права и да избереме момент за потези кои ќе го гарантираат мирот, рече Вучиќ.

Претседателот на Србија смета дека решението за Косово е потребно што поскоро, оти само долготраен мир и сигурност на граѓани остава простор за понатамошен економски развој и корекција на демографската слика.

Нашиот народ не дека нема да се врати на Косово, туку не сака ни во градовите во Србија и заминува по светот. Не сакаат да се вратат во Пеќ, Качаник, но не сакаат да живеат во Заечар, Крагуевац бидејќи за последните 30 години не успеавме да им обезбедиме значително подобра иднина. Мораме да се соочиме со тоа, а во суштина треба да се промениме самите, инаку, ако во наредниот период не се реши „косовскиот јазол“ ќе не има еден милион помалку во 2050 година, рече Вучиќ.