Вучиќ задоволен од состанокот со Изетбеговиќ и Ердоган во Истанбул

Српскиот претседател Александар Вучиќ го оцени во понеделникот состанокот во Истанбул со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган и бошњачкиот член на Претседателството на Босна и Херцеговина, Бакир Изетбеговиќ, како „добар и отворен“ и повтори дека Србија го почитува територијалниот интегритет на БиХ и Дејтонскиот договор, а од Бошњаците очекува дека и Србите во Република Српска и на други места во БиХ се чувствуваат сигурно.

„Нашиот договор е дека, што и да се случува и како и да се случува, мирот и стабилноста мора да бидат сочувани“, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ за Радио-телевизија Срија (РТС) по трилатералната средба во Истанбул.

Истакнувајќи дека со Изетбеговиќ разговарал „во прв ред за севкупните односи меѓу Србите и Бошњаците“, како и за односите во БиХ и односите меѓу Србија и БиХ, Вучиќ како „најважно за луѓето“ ги истакнал „трајниот мир и сигурноста за сите“.

„Уверен сум дека со заеднички напори ќе успееме да осигуриме траен и сигурен мир и за српскиот народ, но и за Бошњаците и за Хрватите и за сите други коишто живеат на територијата на БиХ“, порача српскиот претседател.

Вучиќ рече дека „Србија го почитува територијалниот интегритет на БиХ и Дејтонскиот договор, а единствено што бара од Бошњаците, тоа е дека и Србите во Република Српска и на сите други места во БиХ да се чувствуваат безбедно“.

„Онака како што ние не сакаме да го уриваме вашиот територијален интегритет ве молиме а имате таков однос кон Република Српска која е со Дејтон создаден ентитет на територијата на БиХ“, изјави Вучиќ за РТС, истакнувајќи дека тие „работи се чисти“.

Покрај односите коишто влијаат на мирот и стабилноста во регионот, на состанокот во Истанбул теми беа и заедничките инфраструктурните проекти коишто би придонеле за економски развој на Србија и БиХ.

Станува збор за можните правци на автопатот кој би ги поврзувал Србија и БиХ, а чиешто градење е подготвена да го кофинансира Турција. Една од идеите е автопат преку Тузла до Брчко и Бијелина, кој подоцна Србија би ја спојувал со Добој и со Бањалука, а со градење на крај на автопатот од западниот дел на Србија кон Сараево на правецот Чачак – Пожега – Котроман – Вишеград – Сараево, до престолнината на БиХ од Белград, со кој, како што тврди српскиот претседател, би се стасувало за „околу два и пол часа возење“.

„Тоа многу би значело за економијата, како и за Бошњаците во Сараево, Бошњаците кои живеат во Нови Пазар, Сјеница и Тутин, но многу би значело и за Србите и од Фоча, Гацко, Билеќа, Невесиње, Љубиња, Берковиќ, Требиње, Вишеград, Соколац, Пале… Тоа буквално би го подигнал тој дел на БиХ, но тоа би значело многу и за Србите во Белград, бидејќи би се поврзале и со Сараево и со сите тие српски краеви. Мислам дека сме поблиску до решение“, заклучи Вучиќ.

Коментирајќи ја неодамнешната посета на хрватската претседателка Колинда Грабар Китаровиќ во Истанбул, Вучиќ му се заблагодари на претседателот на Турција и порача дека е секогаш подготвен да одговори на секој повик за разговор.

„Не гледам никаков проблем во тоа што некои луѓе имаат свои интереси на Балканот, а тоа да не сме ние и Хрватска и БиХ“, рече Вучиќ пред новинарите од белградските медиуми.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.