Вујановиќ: Русија нема да се противи на влезот на Црна Гора во НАТО

Црногорскиот претседател Филип Вујновиќ очекува неговата земја до крајот на годината да добие покана за членство во НАТО и верува дека Русија нема да противи, туку дека ќе го разбере сувереното право на Црна Гора да си го определи своето членство во Алијансата, пренесе Танјуг.

Шефот на државата за Телевизија Црна Гора потврди дека на одлуката тој да не оди во Москва, на прославата на 70-годишнината од победата над фашизмот, не влијаел никој од Европската унија или западните центри на моќ, туку дека тоа е целосно „домашна одлука“ на која не очекува негативна реакција од Русија.

Координативиниот одбор за одбележување на јубилејот донесе одлука според која претседателот на државата ќе зборува на одбележувањето на победата над фашизмот во Подгорица, а Вујановиќ нагласува дека на 9 мај треба да биде во државата и да го искаже почитувањето кон антифашизмот на Црна Гора, како и дека на тоа не може да му се подреди ништо, па дури ни учеството на воената парада во Москва.

Вујановиќ истакнува и дека на Координативниот одбор ја имал апсолутната поддршка од претседателот на Собранито, Ранко Кривокапиќ, и премиерот Мило Ѓукановиќ.

Одлуката Вујановиќ да не ја прифати поканата на Русија и да не присуствува на 9 мај во Москва на воената парада предизвика бурни реакции и остро ја подели политичката сцена и лаичката јавност во Црна Гора.

Прашањето е дали тоа, како што мислат поединци, е недозволив гест на омаловажување на сопствената држава, но и улогата на Советскиот Сојуз во кршењето на фашизмот во Втората светска војна, или е всушност зборт за стратешки важен, прагматичен потег што ќе ја поттурне Црна Гора во евроатлантските интеграции и ќе го забрза нејзиниот прием во НАТО.

Рускиот амбасадор во Црна Гора, Андреј Нестеренко, претходно изјави дека Вујановиќ на поканата на рускиот претседател Владимир Путин прво потврдил дека ќе дојде на прославата во Москва, а дека по состанокот на Координативниот одбор за одбележување на јубилејот, била донесена поинаква одлука со која, се вели, „многу е изненаден“.

Нестеренко истакна дека не знае за пример во праксата на меѓународните односи шефот на државата да донесе одлука која се става на негов официјален формулар, а потоа таа одлука ја преиспитува група функционери, додавајќи дека се поставува прашањето како може на такви принципи да се градат билатерални односи на највисоко ниво.