Вујошевиќ во “војна” со најискусните во тимот на Партизан

Зовреа страстите во кошаркарскиот клуб Партизан токму пред важниот натпревар од АБА-лигата против Будуќност. Тројца искусни кошаркари на “црно-белите” му откажаа послушност на тренерот Душко Вујошевиќ. По ова се појави информација и дека Александар Павловиќ си заминал од клубот, но таа не е точна.

Имено, Душко Вујошевиќ како казна за кошаркарите, нешто што многу често умее да го направи, за вчера закажал тренинг во шест часот наутро, но на него не се појавиле тројцата искусни кошаркари од тимот, Александар Павловиќ, Милан Мачван и Едо Муриќ. Тие ги исклучиле своите мобилни телефони и останале да спијат, а потоа не се појавиле ниту на вечерниот тренинг.

Со ова му ставиле до знаење на тренерот Вујошевиќ дека нема да ги трпат неговите принципи на работа, кои медиумите ги истакнуваат како „сурови“.

Партизан овој викенд гостува во Подгорица каде ќе ги одмери силите со Будуќност, што всушност е директна битка за втората позиција на табелата по регуларниот тек од шампионатот.