Вујовиќ: Применија правило кое само тие го знаат

По драматичнот натпревар во кој Словенија остана без победа во дуелот против европскиот шампион Германија, откако француските судии по истекот на времето и прегледувањето на снимките досудија најстрога казна на Германција, селекторот на Словенците, Веселин Вујовиќ, распали по судиите, но и челниците на Европската ракометна федерација (ЕХФ).

На прес-конференцијата по натпреварот, разлутениот Вујовиќ не бираше зборови, па челниците од ЕХФ ги нарече „дебили“.

– Не знам што се случи, не ги знам правилата. Честитки до Германија за ремито, многу среќа во иднина. Зошто видео-технологијата ја користеа на крајот, а не при измислениот пенал над Генсхајмер за што измислено исклучување доби Кавтичник, а потоа и нашата клупа. Застанав на голот за да покажам дека направија хаос, дека направија спортот да е смешен бидејќи го водат дебили, изјави Вујовиќ на прес-конференцијата.

-Судиите, односно Германците побараа повторена снимка. Едно правило во ракомет кое не го знаат сите, освен делегатот вели дека ако играч не е оддалечен три метри од голот во последната секунда кога попречува, тогаш следи црвен и пенал затоа што нема време да се исклучи играчот. Тоа е првпат во историјата да се употреби ова правило. Без разлика, за мене мојата екипа е победник. Ако постоеше правда, Словенија требаше да има четири бода. Но, на крајот никој нема да се сеќава на тоа, сите ќе пишуваат кое место е Словенија. Јас застанав да бранам на гол и се правеше циркуз. Не знам како ќе издржам, но мора да се фокусираме на нашиот нареден натпревар“, изјави Вујовиќ.

Црногорскиот селектор в среда за првпат на официјален натпревар ќе биде ривал против земјата од каде што доаѓа, Црна Гора.