Вулин: Американската порака „да не се седи на две столчиња“ е недипломатска

Високиот функционер на американската дипломатија Брајан Хојт Ји, често присутен на Балканот вклучително и во Македонија, во вторникот предизвика бурни реакции од Србија со својата изјава дека земјите коишто сакаат членство во Европската унија тоа мора јасно и да го покажат и оти „не можат да седат на две столчња“, што српскиот министер за обрана Александар Вулин го критикуваше како „порака којашто не доаѓа од пријател“.

Станува збор за „досега најтежок јавен и недипломатски притисок“ врз Србија и нејзиното право самостојно да одлучива, порача српскиот министер за одбрана Александар Вулин во својот коментар на пораката од американскиот заменик на помошникот на државниот секретар Брајан Хојт Ји.

„Земјите коишто сакаат да влезат во ЕУ мора јасно да ја покажат таквата одлука. Не може да се седи на две столчиња, особено ако се толку далеку“, а да „не сев балансира“ меѓу двете страни, порача во понеделникот Хојт Ји во текот на Српскиот економски самит во Белград.

Американскиот дипломат, алудирајќи на тесната соработка меѓу Србија и Русија, додаде и дека САД „не разбираат зошто персоналот на рускиот хуманитарен центар би требало да добие дипломатски идентитет“.

Вулин во вторникот реагираше со соопштение доставено до медиумите, оценувајќи дека пораката од американскиот функционер „не е изјава на човек кој ја почитува Србија“.

„Не знам какви ќе бидат позицијата и одговорот на претседателот (на Србија, Алексанар) Вучиќ, но сигурен сум дека ќе умее да се избори со протисоците, како и секогаш досега… Меѓутоа, во свое име можам да кажам дека ова не е изјава од пријател и дека ова не е изјава на човек кој ја почитува Србија, кој ја почитува нашата политика и нашето право да одлучуваме“, истканува Вулин во писмената изјава.

Вулин порачува дека „Србија своите одлуки ќе ги носи самата, без оглед на тоа колку ќе бидат големи оние кои сметаат дека може да одлучуваат наместо нас“.

Хојт Ји, меѓу другото, рече и дека државите треба да се определат „колку и да е тешко“ и порача дека Србија има „многу пријатели и поддршка“ во САД, особено во поглед на нејзините евроинтеграции.

„Важно е да се биде фокусиран, бидејќи многу нешта се случуваат во Србија и на Балканот. Важно е да се фокусира на желбите на граѓаните и на главните проблеми“, рече Хојт Ји.

Порача дека САД сакаат земјите на западен Балкан „да бидат стабилни за подоцна да не претставуваат проблем“.

„Уште постои ризикот од судир, до кога ќе постојат нерешени спорови. Сепак, општиот тренд по прашањето на мирот и стабилноста е позитивен“, оцени во понделникот во Белград, Хојт Ји.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.