Вулин порача дека Заев оправдувањето за сопствените проблеми го бара во Србија

Министерот за труд, вработување, боречки и социјални прашања Александар Вулин им порача на македонските и на други политичари од регионот да не бараат оправдување за сопствените проблеми во Србија.

„Србија не е оправдување за чии и да се проблеми, таа може да биде само фактор на стабилност и да помогне“, изјави во четвртокот Вулин пред новинарите во Белград.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев кој го доби мандатот за состав на нова влада, претходно извјави дека е непријатно на кој начин Србија ги коментира настаните во Македонија, но додал дека ќе се труди да има добри односи со официјалните власти во Белград.

„Гледајте, Вучиќ ја водеше кампањата и, буквално, во секој настап зборуваше за македонско сценарио. За жал, тоа мене ми беше непријатно да го слушам, тоа како наш сосед зборува за Македонија“, рече Заев во интервју за регионалната теелвизија N1.

Вулин одговори дека е непријатно да слуша грди зборови за српскиот премиер Александар Вучиќ, додека сите пораки од Србија се смирувачки.

„Односот на Вучиќ кон Македонија како премиер и како претседател на државата ќе биде максимално добрососедски и со желба Македонија да биде стабилна, но ги молиме сите македонски политичари и политичарите во опкружувањето да не бараат оправдување за сопствените проблеми во Србија“, рече Вулин.

Додаде дека Македонија минува низ тешки проблеми, а дека Србија добронамерно ја зборува вистината за да се подобри состојбата во Македонија.