Свет

Се активира вулканот Синабунг во Индонезија

Се активира вулканот Синабунг во Индонезија
Се активира вулканот Синабунг во Индонезија

На островот Суматра, Индонезија, повторно се активира вулканот Синабунг, кој по над 140 години мирување еруптираше во февруари минатата година, но потоа се смири. Засега властите не прогласија поголем степен на тревога, но над 3.500 жители од подножјето на вулканот се евакуирани.

При ерупцијата од 2014 година која траеше десет дена, беа евакуирани 10.000 жители, а облаците од чад и пепел беа причина да се затворат повеќе аеродороми. Во главниот град на провинцијата Суматра, Медан 36 часа беше оневозможен секаков сообраќај.

Во архипелагот од 17.300 острови на кои се простира Индонезија има 134 активни вулкани, два пати повеќе од Јапонија и САД, кои по бројот на вулкани се на второ и трето место во светот. Во Индонезија, околу 60 посто од населението живее во радиус од 100 километри до вулканите, пренесува МИА.

Дел од индонезиските вулкани се на првите места во светската наука за вулканологија, а најпознат од сите е вулканот Кракатау, кој се наоѓа на околу 130 километри од главниот град Џакарта. Овој вулкан имаше силна ерупција во 1.883 година, а облаците пепел од оваа ерупција беа забележани и над Лондон. Сега овој вулкан е и своевиден вулкански архипелаг, бидејки по ерупцијата од 1.883 одина од морето се издигнале 16 вулкански куполи наречени „Анак Кракатау“ (деветте деца на Кракатау).