Магазин

Вулканска ерупција формира нов остров

Вулканска ерупција формира нов остров

Вулканската ерупција што изминатиов месец се случи во реонот на островската држава Тонга во Тихиот Океан, резултираше со создавање на нов остров, објави „Хафингтон Пост“.

Новиот остров, што се наоѓа на 65 километри од главниот град на Тонга, Нукуалофа, настана по едномесечната ерупција на вулканот.

Осторовот е долг 1,8 километри, широк 1,5 километри и висок речиси сто метри.

Вулканологот Нико Фурниер изјави дека островот се состои од комбинација на карпи и вулканска лава.

– Возбудливо е да се гледа раѓањето на еден остров. Визуелно, глетката беше спектакуларна. Раѓањето на островот не беше пропратено со никаков звук или некакав експлозија, додава Фурниер.

Сепак, тој смета дека овој остров ќе биде со кус век, односно дека неколку месеци по завршувањето на ерупцијата, тој ќе биде „проголтан“ од океанот. – За да опстане, потребно е островот да биде создаден од многу поголемо количество лава, оценува Фурниер.

Новиот остров се уште нема име, а согласно традицијата и правилата на Тонга, него може да го именува само кралот на оваа островска држава во западниот дел на Полинезија.