За 10 дена ќе се знае кој ќе го гасифицира Скопје?

Голем број на компании аплицирале на огласот кој Владата го распиша за јавно-приватно партнерство за гасификација на Скопје. Огласот заврши вчера, а владиниот портпарол, Александар Ѓорѓиев, најави дека неговата успешност ќе се знае за најмногу 10-тина дена.

„Да точно е огласот за изградба на гасовод на скопскиот регион заврши вчера. Има голем број на апликанти, а за 7 до 10 дена ќе се знае колку компании ги исполнуваат предвидените услови. Сега за сега можам да кажам дека огласот е успешен“, рече Ѓорѓиев.

Инаку во огласот Владата бараше приватен партнер кој ќе има обврска да ја изгради дистрибутивната мрежа до крајните потрошувачи, вклучувајќи ја и опремата за мерење на регулацијата. Приватниот партнер ќе треба да врши дистрибуција на гас, да управува со системот за дистрибуција на природен гас, да го одржува и развива дистрибутивниот систем и да инвестира во адаптација и набавка на опрема за производство на топлинска енергија кај постоечките објекти.

Во огласот беше наведено дека предметот на јавно-приватното партнерство е за Регион 1, скопскиот регион кој го сочинуваат општините Аеродром, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Сарај, Чаир, Центар, Шуто Оризари, Сопиште, Студеничани, Зелениково, Петровец, Арачиново, Илинден и Чучер-Сандево.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.