Македонија

За 10 месеци во Македонија извршени 32 трансплантации

За 10 месеци во Македонија извршени 32 трансплантации

Европскиот ден на органодарителство денеска по третpат беше одбележан во Македонија. По тој повод Европскиот директорат за квалитет на лекови и медицина, „Нефрон“ ја преведе и ја објави брошурата „Органодарителство-Ајде да зборуваме за тоа“, која е збир на информации за донирањето органи за трансплантација, лекување и спасување друг живот.

– Исклучително е важно, секој од нас, да најде барем пет минути и да поразговара со членовите на своето семејство за важноста од спасување нечиј живот. Органодарителството е врв на хуманоста и токму затоа, Фондот посветено работи на неколку проекти со кои органодарителите се изедначија со крводарителите и тие нема да плаќаат партиципација за здравствени услуги. Истовремено, ФЗОМ е фокусиран на превенцијата, преку проектот за превенција, во соработката со матичните лекари за подигнување на јавната свест за бубрежните заболувања, истакна дирексторката на ФЗОМ Маја Парнарџиева-Змејкова.

Оваа брошура ќе биде достапна и на веб страната на ФЗОМ.

Од почетокот на година до денес се извршени 32 трансплантации на органи од кои 12 се од починат донатор, информираа од Фондот за здравство во пресрет на Европскиот ден за дарување органи.

– Вкупно шест семејства несебично донирале органи од починат и дозволиле да се спасат други животи. Изразуваме голема благодарност до сите семејства, кои треба да бидат поттик за сите да бидеме хумани. Донаторите на органи не ги забораваме, напротив, тие, како и крводарителите, се ослободени од патриципија во здравството, изјавија од Фондот за здравство.

Во Македонија има околу 1.300 пациенти на дијализа. Многу од нив се на листата на чекање за орган. Целата на овој ден е да се придонесе во подигнување на јавната свест за оваа постапка и да се информира секој граѓанин за можносите за донирање органи.

Европскиот ден за донирање органи во земјите на Европа се одбележува секоја втора сабота од октомври. Советот на Европа има развиено унифицирано лого, идеи и програми за одбележување на денот во сите земји. Секоја година една земја-членка е носител на овие активности, а годинава тоа е Италија.