За 11 дена започнува судењето за убиството на матурантот Ангел од Ѓорче

Во Основниот Суд Скопје 1, за 11 дена, односно на 29 декември, ќе започне судењето за убиството на матурантот Ангел кое се случи оваа година на 19 мај во скопската населба Ѓорче Петров.

Судскиот процес ќе се води против Насер Ештрефи (19) од селото Грчец кој ќе одговара за тешка кражба и убиство со умисла.

Според обвинителниот акт дејството започнало со обид за кражба на велосипед кој бил оставен во дворот на семејството Петковски во населбата Ѓорче Петров. Обвинетиот Ештрефи влегол во дворот откако претходно ја отклучил заклучената врата од дворот, но тоа било забележано од сега трагично загинатиот Ангел и од неговиот татко. Тој се качил на велосипедот и со него се дал во бегство, упатувајќи се кон пешачкиот мост кој води кон СРЦ „Сарај“. Таму, на насипот крај Вардар, бил пречекан од Ангел и неговиот татко, кои му го препречиле патот, односно не му дозволиле да побегне.

Во тепачката, која се случила, на Ангел му биле нанесени два удара во градниот кош. Од ударите дошло до обилно внатрешно и надворешно крвавење и развој на хеморагичен шок. Матуранотот и неговиот татко се обиделе да побараат помош во Европската очна болница, но, за жал, тој им подлегнал на повредите.

Обвинетиот беше веднаш по убиството фатен и од тогаш се наоѓа во притвор во Шутка.

Што се случуваше по убиството?

По убиството на матурантот во населбата Ѓорче Петров беа организирани протести кои резултираа со дивеење по улиците, палење контејнери…

Толпата која се собра за време на протестите оштетила шест објекти на улицата Ѓорче Петров, меѓу кои и казиното „Сенатор“, а каменувала и два автобуса на Јавното сообраќајно претпријатие. Двајца од учесниците се осомничени и дека од казиното изнеле речиси 3.200 евра.