За 15 години трговската размена меѓу Македонија и Турција десеткратно зголемена

Економските односи треба да ги следат одличните политички релации меѓу Турција и Македонија. Очекуваме трговската размена која сега изнесува околу 450 милиони долари во многу скоро време да достигне милијарда долари, истакнаа на денешната заедничка прес-конференција турскиот премиер Ахмет Давитоглу и неговиот домаќин, претседателот на македонската Влада Никола Груевски.

„Тоа што според увозот Македонија е осма, а по извоз 13-та е апсолутно неприфатливо за мене. Не прифаќам ни да бидеме втори, а не пак меѓу првите 10 со оглед на одличните политички односи меѓу нашите две држави. Одличните политички односи мора да се рефлектираат со соодветна трговска размена. Министрите за економија ќе разменат мислења на ова поле и ќе ги видат суштинските можности за зголемување на соработката, вклучувајќи го тука и земјоделството и можноста за извоз во Турција. Ќе бидеме во постојан контакт посебно во однос на вложување во слободните индустриски зони во Македонија и заголемување на македонскиот извоз во Турција“, рече Давутоглу.

Според него, со отвореноста за инвестиции и олеснувањата кои ги нуди Македонија, а имајќи го предвид договор за слободна трговија, Турција може да биде меѓу првите пет земји, а потоа и меѓу првите две земји според обемот на трговската размена. Лани била 470 милиони долари, за првите 10 месеци од годинава изнесува 375 милиони долари, а се очекува до крајот на годинава да достигне околу 450 милиони. Давутоглу очекува и раст на турските инвестиции во Македонија кои досега изнесуваат 1,5 милијарди долари.

Според премиерот Никола Груевски, целта за трговска размена од милијарда долари е можно да се постигне, а кога ќе се случи тоа не зависи само од премиерите и министрите, туку и од бизнисмените.

„Во 1999 година кога бев министер за трговија го покренав прашањето за потпишување договор за слободна трговија со Турција. Почнаа преговорите и во период од година дена се потпиша договорот. Тогаш размената меѓу Македонија и Турција беше 50 милиони долари. Денеска е речиси десеткратно повеќе и напредокот е огромен. Тоа доста ни помогна. Секако, помогнаа и одличните политички релации помеѓу двете држави што ги охрабрува бизнисмените да вложуваат во едната или во другата држава. Тие политички релации и тој договор се уште се присутни и ќе продолжат да се применуваат“, рече Груевски.

Тој посочи дека дополнително на тоа Владата прави напори да им ги доближи на инвеститорите информациите за можностите за правење бизнис во Македонија.