понеделник, 27 март 2017  |  Вести денес: 17

За 20 минути не може да се состави записник за предавање на 600.000 разговори

zoran-zaev-1

Поврзани вести

Наместо потврда дека специјалната обвинителка Kатица Јанева и лидерот на СДСМ Зоран Заев за предавањето на материјалите од незаконското прислушување на 30 декември составиле записник во кој точно е наведено што и како се предава, се посилни се аргументите што го потврдуваат дека ваков документ воопшто постои, пишува Дневник.

Kако што веќе објави Дневник, специјалното обвинителство не сака да потврди дали за извршеното примопредавање е составен и потпишан записник според членовите 89 и 90 од Законот за кривичната постапка. Оттаму само изјавија дека Заев во СЈО предал шест картонски кутии со транскрипити и еден хард диск, но дека други информации не споделуваат бидејќи тоа би ги нарушило тековните истраги кои ги води Јанева.

Од друга страна, пак, искусни обвинители за „Дневник“ коментираат дека ако Јанева и Заев сепак составиле записник, онака како што ги задолжува и обврзува ЗKП, тогаш го сториле во неверојатно кусо време за кое ниту најспособниот обвинител не би успеал. Имено, тие велат дека записник за овој тип процесно дејствие не може да се изврши за помалку од час и половина бидејќи во детали се опишува што и како и кој предава и каде сето тоа ќе се чува. Саатницата на Заев на 30 декември кај Јанева покажува дека тој кај специјалната обвинителка се задржал најмногу 20 минути.

Записникот е доказ со детали

Според обвинителите што ги консултиравме, откако кутиите и хард дискот што ги донесе Заев биле ставени во просторија на специјалното обвинителство во присуство на претставници од институцијата почнува и самото примопредавање.

Предметите според надлежноста треба да ги прими лично Kатица Јанева или, пак, од неа овластено лице. Притоа се повикува записничар кој треба да го води записникот или, пак, него да го води самата Јанева. Ако имало записничар тој во записникот внесува се што обвинителката гласно ќе му издиктира, а се однесува на примените материјали. Ваквиот документ, според ЗKП се составува истовремено со примопредавањето.

Како што пишува Дневник, во записникот најпрво се внесува институцијата, во овој случај специјалното јавно обвинителство, место каде што се врши примопредавањето, денот и часот кога дејствието е почнато, а на крајот се вметнува и кога дејствието е завршено. Во документот се внесуваат и имињата и презимањата на сите што присуствуваат и во кое својство се таму. Треба да се наведе и основата за примопредавањето, односно писмото што Јанева му го испрати на Заев со кое ги побара материјалите од незаконското прислушување. Според објавените информации од СЈО се работи за барање поднесено врз основа на член 287 од ЗKП каде е дефинирана обврската за доставување на барани податоци до јавниот обвинител.

– Откако овие формални делови од документот се напишани почнува наративниот дел од записникот во кој се опишуваат сите општествени податоци за текот на дејствието и содржаната на она што се предава. Во конкрентиот случај треба да се каже дека се предаваат шест картонски кутии. Потоа секоја да се опише каква е и приближно колкава е. Треба да се има информација дали кутиите се затворени или отворени. Потоа треба да се направи преглед што тие содржат односно каков тип документи или нивната многубројност и тоа за секоја кутија одделно. Само ова би одзело повеќе од 40 минути – коментира нашиот соговорник.

Тој нагласува дека за хард дискот, мора да се провери колкава му е меморијата колку од неа е искористена и да се наведе колку фајлови има на дискот и како се именувани, без да се навлегува во нивната содржина.

Што покажува саатницата?

– Ова е клучно со цел да не дојде до дилеми за тоа дали е предаден празен хард диск или, пак, колку материјал имало на него. Исклучок би било ако дискот е спакуван и запечатен на одреден начин, но во тој случај и таквиот диск треба да биде опишан надворешно заедно со начинот на кој е запечатен – коментира обвинителот.

Потоа материјалите се ставаат во сефот во кој треба да се чуваат кај Јанева, а тоа се наведува и во самиот записник.

– Целата процедура би траела околу час и половина – велат искусните истражители.

Што вели саатницата на Заев при предавањето? СДСМ најави дека лидерот на СДСМ ќе ги предаде материјалите на Јанева во три часот попладне на 30 декември. Новинарските екипи и фотографиите направени од пристигнувањето на Заев со заменичката Радмила Шекеринска и потпретседателот Дамјан Манчевски сведочат дека тој стигнал пред обвинителството во 15 часот и 9 минути. Нешто помалку од пет минути траеше пренесувањето на материјалите од автомобилите на СДСМ до просторијата на СЈО каде што било извршено примопредавањето. Заев даде изјава за извршеното предавање пред зградата во која е сместено во СЈО во 15.30, а во 15.35 веќе беше во автомобилот за да се врати на „Бихаќска“. Тоа покажува дека Заев кај Јанева не се задржал повеќе од 20 минути. Тоа е огромна разлика во време од она што реално е потребно да се изведе оваа операција според досегашното искуство на обвинителите.

Затоа останува прашањето потпишаа ли Заев и Јанева записник за материјалите или, пак, ќе нема никаков официјален документ, доказ дека некогаш Заев поседувал материјали од незаконско прислушување, колку и кои и дали воопшто ги предал?

Најчитани вести