За 24 часа 11 сообраќајки во Скопје

Увид на вкупно 11 сообраќајни незгоди извршила сообраќајната полиција  во Скопје во изминатите 24 часа.

Од нив, две се со последица материјална штета и осум се со последица телесни повреди во кои со полесни повреди се здобиле тројца возачи на патничко моторно возило, тројца пешаци, двајца сопатници и еден мотоциклист, пренесува МИА.

Се случила и една незгода со последица тешки телесни повреди во која со тешки телесни повреди се здобило едно лице, а со полесни повреди се здобиле три лица.

Во текот на вчерашниот ден од страна на сообраќајната полиција откриени и санкционирани се 17 возачи кои не го почитувале ограничувањето на брзината на движење, од нив 11 возачи се движеле со брзина поголема од 90 километри на час во населено место, седум возачи не ги почитувале светлосно сообраќајните знаци на крстосниците и пет возачи кои го управувале возилото под дејство на алкохол, односно не отстапиле првенство на минување на пешаците на обележан пешачки премин.

Со помош на специјалното возило „пајак“ во текот на изминатиот ден од страна на сообраќајната полиција отстранети се 75 возила кои го попречувале нормалното одвивање на сообраќајот.

Денеска Отсекот за превенција при Единицата за безбедност во патниот сообраќај при СВР Скопје ќе одржи едукативни работилници во ОУ „Браќа Рамиз и Хамит“ кое се наоѓа на територијата на општина Шуто Оризари со учениците од второ одделение.

За денеска нема најавено вонредни настани со што се очекува сообраќајот да се одвива тековно и според постоечката сообраќајна регулатива.