За 25 отсто ќе се зголеми надоместокот за згрижувачките семејства

Се воведува  зголемување на паричниот надоместок за згрижувачките семејства за цели 25 % почнувајќи  од јули оваа година  и се воведува можност за  рефундирање на средства односно данок и царина за набавка на патнички автомобил за сопствени потреби од страна на лицата со 80% инвалидитет на долните екстремитети, како и за потполно слепите и потполно глувите лица со придружник. За ова денеска информираше министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.

Тој денеска на прес конференција информираше за измените во законот за социјална заштита усвоени од Владата на Р.Македонија со кои се создава законски основ за реализација на два проекти од програмата на  Владата.

– Со првата  измена, ќе бидат опфатени околу 175 згрижувачки семејства кои згрижуваат 315 лица, но исто така ова ќе биде поттик, што поголем број на граѓани да станат згрижувачи, да се вклучат во оваа хумана и племенита мисија.  Во згрижувачки семејства можат да бидат згрижени деца без родители и родителска грижа (прва категорија), деца со воспитно-социјални проблеми на училишна возраст (втора категорија), како и лица со умерени и тешки пречки во менталниот развој и лице упатено на оспособување за работно- производна активност, лице со најтешки пречки во менталниот развој, лице со трајна телесна попреченост, старо лице,  возрасно лице со телесна попреченост, како и возрасно лице со пречки во менталниот развој кои не се во состојба сами да се грижат за себе (како трета категорија), информираше Спасов.

Со усвоените измени на Законот за социјална заштита, се предвидува зголемување на надоместоците за 25 %.  Така, за згрижувачите кои згрижиле дете без родители и родителска грижа, надоместокот за згрижување кој досега изнесуваше 6500 денари, ќе изнесува  8125 денари.

Доколку згрижувачот згрижил дете со воспитно-социјални проблеми на училишна возраст, надоместокот за згрижување кој досега изнесуваше 7500 денари, со зголемувањето истиот ќе изнесува 9375 денари.

Доколку згрижувачот згрижил лице со умерени и тешки пречки во  менталниот развој и лице упатено на оспособување за работно- производна активност, лице со најтешки пречки во менталниот развој, лице со трајна телесна попреченост, старо лице,  возрасно лице со телесна попреченост, како и возрасно лице со пречки во менталниот развој кои не се во состојба сами да се грижат за себе,  надоместокот за згрижување изнесуваше 8.500 денари, со зголемувањето истиот ќе изнесува 10.625 денари.

– Овие зголемувања ќе се реализираат од јули 2015 година, а на годишно ниво ќе се издвојуваат 37.500.000.00 денари при што за ова зголемување за 2015 година во буџетот предвидени се дополнителни 3 750 000 денари а за 2016 – 7 500 000  денари. Исто така министерството за труд и социјална политика  во насока на подигнување на бројот на згрижувачките семејства со особен приоритет на тоа дека секое дете треба да му се обезбеди средина најблиска до семејната, започна со спроведување на Проектот за зголемување на бројот на згрижувачките семејства во Република Македонија, во чии што рамки се спроведува и кампањата ,,На секое дете му е потребно семејство“. Во рамки на овој проект реализиравме неколку значајни активности, при што досега интерес за згрижување пројавија 28 згрижувачи, рече Спасов.

Спасов информираше дека со цел зголемување на квалитетот на згрижувачките семејства и обезбедување на подобри услови за сместување на децата преку  јакнење на капацитетите на постојните и развивање на згрижувачките способности на  потенцијалните згрижувачи, Министерството за труд и социјална политика  учествува во спроведувањето на PRIDE програмата во Република Македонија преку вклучување во обуките на стручни работници од центарот за социјална работа и Заводот за социјални дејности.

Исто така, потсети дека со измените на Законот за социјална заштита во 2013 година се воведе на право на паричен надоместок за згрижувач.

Право на парична помош за згрижувач во износ од 8000 денари  има згрижувач, кој згрижувал лице во своето семејство најмалку пет години, по наполнување на 62 годишна возраст, кој е невработен и не користи право на пензија по било која основа.

Вториот дел од  измените на Законот за социјална заштита се предвидува нова поволност и за лицата со инвалидност.

– Покрај бројните проекти предвидени за оваа категорија на граѓани, Владата донесе одлука да ги подржи со нова мерка. Имено се предвидува лице со најмалку 80% инвалидност на долните екстремитети, потполно слепо лице со придружник и потполно глуво лице да може да поднесе барање за рефундирање на средства платени како царински давачки, данок на додадена вредност и акциза за набавка на патнички автомобил, со кој ќе управува подносителот на барањето или  неговиот брачен другар, родител, дете. Барањата ќе се поднесуваат до Комисијата за рефундирање на средства за набавка на патнички автомобил, преку надлежниот центар за социјална работа. Оваа мерка ќе се применува од следната година, информираше Спасов.

На крајот тој заклучи дека  овие измени  ќе донесат неколкукратни бенефити, од кои најзначајно е обезбедување на дом и здрава семејна атмосфера во кои ќе растат дечињата, како и нега и грижа за возрасните лица.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.