За 5 дена, нови 880 заразени од грип

Само за пет дена има 880 новозаразени од грип, а вкупната бројка за оваа сезона достигна до 3.900, јавува Здравство24.мк.

Со стартот на учебната година епидемиолозите очекуваат рапидно зголемување на заболените. За ублажување на состојбата, заштитни мерки мора да бидат преземени и во училиштата, градинките и јавниот градски превоз.

– Дезинфекција во училиштата и градинките, редовно миење на рацете и секако проветрување на просториите кога тоа го дозволуваат надворешните услови. Истото важи и за градскиот превоз бидејќи грипот може и индиректно да се пренесе. Комисијата овој период редовно и еднаш неделно ќе врши состаноци, вели Јованка Костовска од Комисијата за заразни болести

Овој период според податоците од здравствените установи чекалните се полни со пациенти со респираторни заболувања. Лекарите велат, вирусот мора да биде лекуван најмалку седум дена во домашни услови. Колку повеќе болни од грип толку повеќе боледувања и отсуства од работа.

На Клиниката за Инфективни болести засега немаат пациенти со потешка клиничка слика на грип. Според податоците од Инситутот за јавно здравје, најмногу болни има во Тетово. Во неколку градови од источниот регион нема пријавено ниту еден случај на грип.