Македонија,Економија

За 8 години невработеноста во Македонија се намалила за 8 отсто

За 8 години невработеноста во Македонија се намалила за 8 отсто

За 8 години невработеноста се намалила за речиси 8 проценти. Од 36 проценти на крајот од 2006-та, стапката на невработеност во првиот квартал од годинава се спушти на 28,4 проценти, историски најниска досега. Статистичарите регистрираат континуирано намалување на невработеноста, пишува Лидер.

Ако се анализираат податоците од Државниот завод за статистика, лиферувани низ годините, може да се заклучи дека стапката на невработеност периодично се зголемувала и намалувала. Убедливо највисоки стапки на невработеност во земјава се регистрирани во 2003-та, 2004-та и 2005-та година, во последните години од владеењето на СДСМ.

1500nevrabotenost-1-480x348

Во 2005-та, стапката на невработеност достигнала фантастични 37,3 проценти, а дури 323.934 граѓани, кои влегуваат во категоријата активно население, биле без работа.

2500nevrabotenost-2

Според последните податоци на Статистика, а кои се однесуваат на првите три месеци од годинава, активното население брои 958.392 лица, од кои 686.277 се вработени, а 272.115 невработени.

3500nevrabotenost-3-480x197

Активните мерки ја намалуваат невработеноста

Мерки за самовработување, субвенционирано вработување, кредити за компании кои ќе отворат нови работни места за млади луѓе, обука кај познат работодавец. Активните мерки за вработување даваат резултати.

„Од 2007-та до денес, над 64 илјади граѓани ги посетиле мерките кои се реализираат преку Агенцијата за вработување, било да се работи за обука кај познат работодавец, за добивање грант, за кретитирање или субвенционирање. Постигнавме околу 34 илјади вработувања, а во овој момент се вработени над 24 илјади граѓани. Тоа е висок процент на вработувања. Годишно, од четири до пет илјади граѓани кои учествувале во нашиот оперативен план за активни мерки и програми, остануваат на работа и работат за себе и за своето семејство“ – објаснува директорот на АВРМ, Влатко Поповски.

Странски инвестиции за помала невработеност

Во земјава изминативе години влегоа неколку големи светски компании кои отворија нови работни места и придонесоа за намалување на невработеноста. Слободните економски зони почнаа да се полнат со инвеститори. Во Бунарџик со полна пареа работат гиганти од рангот на „Џонсон Мети“, „Џонсон Контролс“, „Кемет – електроникс“, „Ван Хул“, тука се „Текнохозе“ и „Продис“, а најавени се и нови инвестиции од компании кои доаѓаат од Турција и Италија. Во Жабени оперира гигантот “Кромберг и Шуберт“, во Кавадарци работи „Дрекселмајер“, а „Џонсон Контролс“ отвори нова фабрика во Штип, каде што наскоро ќе се позиционираат „Кумал“ и „Техникал текстил“. Странските инвеститори се шират низ земјава. КСС го одбра Кичево за производство на воздушни перничиња, додека „ОДВ Електрик“ веќе почна да испраќа работници од охридско – струшкиот регион на обуки во Украина. Само последниве две компании ќе отворат 2.000 работни места.

Во изминативе 4-5 години, странските инвеститори отворија над 10.000 нови работни места, што повлече креирање на уште неколку илјади индиректни работни места како резултат на вклучувањето на домашните компании во синџирот на производство на странците. Таков е примерот со струшката „Унипласт“, која работи како добавувач на „Ван Хул“.

„Влегуваме во сериозна реогранизација на производствениот процес. Ќе ги зголемиме капацитетите, а ќе ни требаат и нови работници“ – објаснува Бојан Ковачевски од „Унипласт“.

Ефектот од странските инвестиции врз намалувањето на невработеноста се очекува особено да се почувствува по влезот на мултинационалната „Веибо“ групација на североистокот од Македонија. Се работи за инвестиција од 400 милиони долари која треба да донесе 5.000 вработувања. На средбата со менаџметот на „Веибо“ во Кина, премиерот Груевски бил информиран дека освен изградбата на интегрирана текстилна зона, компанијата планира да отвори уште две фабрики за производство на челични и метални профили, потребни за градежната индустрија.

За четиригодишниот мандат, Владата најави најмалку триесетина нови странски инвестиции кои треба да отворат нови 10.000 работни места. Нивото на СДИ се очекува да се движи од 350 до 430 милиони евра годишно до 2015-та, односно меѓу 490 и 550 милиони евра до 2018-та година, под услов да не се случи нов екстерен шок. Старо-новата гарнитура се обврза дека во претстојните четири години, ќе работи на создавање нови 64 илјади работни места.

Извор: Лидер.мк