За 85 отсто од студентите, факултетите ќе достават електронски податоци до ФЗОМ

Со новиот проект „Е-потврди за редовни студенти“ Фондот овозможи големи придобивки за редовните студенти, кои до сега потврдата за редовно школување требаа да ја заверат во студентски прашања, па да ја достават на шалтерите во подрачните служби на ФЗОМ. Со новиот проект, ФЗОМ секоја нова потврда/промена за редовно школување ќе ја добива по електронски пат од соодветната образовна установа за високо образование. За оние студенти кои нема да може да ги достават потврдите електронски, ќе остане како досега, да достават потврда во хартиена форма во подрачните служби.

Ова претставува големо административно олеснување за редовните студенти, за студентските прашања на факултетите, за фирмите со што се овозможува континуирано здравствено осигурување за редовните студенти на возраст од 18-26 години.

ФЗОМ на овој проект работеше повеќе од една година, и за тој период воспостави соработка со 43 високо образовни институции (универзитети и факултети) со кои ФЗОМ потпиша договори и одржа обуки за реализација на проектот  „E-потврди за редовни студенти“.  Од нив, би сакале да ги пофалиме следниве 11 високообразовни институиции кои од минатата недела до денес ни доставија електронски податоци за свои 11.140 студенти кои се на редовно школување, со што без никакви административни формалности, им се обезбеди континуирано здравствено осигурување.

(ФИНКИ – Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство – Скопје, Градежен факултет, Универзитет Американ колеџ – Скопје, ФОН Универзитет – Скопје, Фолозофски факултет – Скопје, Факултет за ветеринарна медицина – Скопје, Универзитет Свети Апостол Павле – Охрид, Југоисточно-европски универзитет – Тетово, Меѓународен балкански универзитеет – Скопје, Факултет за бизнис економија – Скопје и Еуро колеџ – Куманово)

За 85 отсто од студентите во овој семестар очекуваме другите факултети и универзитети кои се технички подготвени да ни достават електронски податоци за своите студенти, а оние факултети/универзитети кои имаат потреба од дополнително техничко усогласување со електронскиот систем на ФЗОМ, тоа да го направат за следниот семестар, кога очекуваме проектот да биде целосно заокружен.

Ова е еден од проектите на ФЗОМ, зацртан во Владината програма, од кој придобивки ќе имаат околу 72.000 редовни студенти, на возраст од 18 – 26 години, кои досега требаше на почетокот на секоја универзитетска година да доставуваат потврди за редовно школување, во хартиена форма, од студентските прашања на факултетите до подрачните служби на Фондот.

Очекувани придобивки од проектот за факулутетите/фирмите се:

Заштеда на време и ресурси –потврдата за редовно школување веќе нема да се доставува во хартиена форма до подрачната служба на Фондот туку ќе се евидентира автоматски и во електронска форма.

Навремена евиденција на сите активни носители/членови во здравствено осигурување преку веб порталот на ФЗОМ

Очекувани придобивки од проектот за редовните студенти се:

Нема административни формалности и трошоци

Континуитет во здравствено осигурување што е основен предуслов за остварување на некои права од здравственото осигурување

Заштеда на време потребно за обезбедување на потврдата

Очекувани придобивки за Фондот се:

Намалување на метежот пред шалтерите

Извештаи и анализи во реално време за спроведените потврди за редовно школување

Зајакнување на контролите и оптимизирање на деловните процеси