За Баерн победата за ПСЖ првото место, минаа и Јувентус и Јунајтед

Во дербито на вечерта од фудбалската Лига на шампионите, Баерн во Минхен со 3:1 го совлада Пари Сен Жермен, но францускиот претставник го освои првото место во Групата Б, бидејќи во Париз славеше со 3:0.

И пред последното коло ПСЖ и Баерн се беа квалификувале во натамошните борби, а во меѓусебниот дуел во Минхен се бореа за првото место во групата. ПСЖ пред овој натпревар имаше три бода повеќе и предност зашто во првиот меч победи со 3:0, а во случај на ист број бодови се споредуваат меѓусебните дуели.

Баварците одлично влегоа во натпреварот и поведоа уште во 8 минута со голот на Роберт Левандовски, а во 37 минута Корентино Толисо зголеми на 2:0. Килен М’бапе во 50 минута го намали резултатот, но Толисо во 69 минута гаѓаше за 3:1 и така ја врати надеждта кај домашните. Но до крајот на мечот немаше повеќе погодоци.

Во вториот меч од групата Андерлехт во Глазгов го совлада Селтик со 1:0, но тоа не му беше доволно да го освои третото место и да се квалификува за Лига Европа, бидејќи Шкотите во првиот меч на гости славеа со 3:0. Победникот го реши автоголот на Јозо Шимуновиќ во 62 минута.

По вечерашните натпревари пласман во осминафиналето изборија и Јувентус и Манчестер Јунајтед, Рома и Базел, а пред последното коло продолжување на натпреварувањата во најелитното континентално натпреварување обезбедија и Барселона, Бешикташ, Челзи, Манчестер Сити, Реал Мадрдид и Тотенхем. Последните четири клубови ќе бидат познати во средата.

Барселона првото место во Групата Д го обезбеди и пред последното коло, а го потврди со победата против Спортинг од 2:0. Како и против Јувентус, нејзиниот најдобар играч Лионел Меси во мечот влезе од клупата и ги играше последните 30 минути, а головите ги постигнаа Пако Алкасер во 49 минута и довчерашниот одбранбен играч на Барса, Жереми Матје кој во последната минута ја затресе сопствената мрежа.

И Јувентус продолжува во Лигата на шампионите откако во Пиреја го совлада Олимпијакос со 2:0. Победата на торинската „Стара дама“ ѝ ја донесоа Квадрадо во 51 и Федерико Бернадески во 90  минута. Спортинг продолжува во Лига Европа.

Во Групата А натаму одат Манчестер Јунајтед и Базел, додека во Лига Европа ќе продолжи ЦСКА Москва. „Црвените ѓаволи“ на својот „Олд Трафорд“ со пресврт ја совладаа ЦСКА со 2:1. Витињо во последните моменти од првото полувреме погоди за гостите, но во продолжението супериорноста на Манчестер Јунајтед дојде до израз откако за две минута направи пресврт со головите на Ромел Лукаку во 65 минута и веднаш во следниот напад на Маркус Рашфорд.

Во другиот меч од оваа група Базел во Лисабон ја совлада Бенфика со 2:0, а португалскиот великан го забележа неславниот рекорд за земјата која е европски шампион – шест порази во групната фаза, односно елиминација без освоен бод. Победата на гостите им ја донесоа Могмаед Елјунуси во 5 и Димитри Оберлен во 65 минута.

Во Групата Ц Челзи беше пласиран и пред последното коло, а за второто место се бореа Атлетико Мадрид и Рома. На крајот Рома оди натаму, а Атлетико се утешува со пласманот во Лига Европа, најмногу благодарејќи на двете ремија со слабиот Карабаг.

Римската „Волчица“ пласманот но и првото место го обезбеди со победата од 1:0, додека Челзи и Атлетико ремизираа 1:1.

Италијанскиот претставника на својот „Олимпико“ славеше со голот на Диего Пероти во 53 минута. Во Лондон на Челзи му беше потребна победа за првото мести, но гостите поведоа во 56 минута со голот на Саул Нигуез, а домашните успеаја само да израмнат преку автоголот на Стефан Савиќ во 76 минута.