За безбедно патување и весели празници- стоп за алкохолот и брзото возење

Анализите и статистичките податоци од почетокот на годината покажуваат дека во изминативе 4 месеци вкупно 41 лице го загубило животот во сообраќајни незгоди. За време на викендите и продолжените празници за жал се случуваат најмногу сообраќајни незгоди со фатални последици, велат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Затоа, РСБСП, по повод предстојните празници, апелира до учесниците во сообраќајот на совесно и одговорно однесување.

Соодветната подготовка за патувањето, проверката на возилото, совесно, одговорно и дисциплинирано однесување и почитување на правилата и проописите во сообраќајот од страна на сите учесници е единствена гаранција за безбеден сообраќај.

Затоа РСБСП апелира до учесниците во сообраќајот:

Пред тргнување на пат, задолжително проверете ја техничката исправност на возилото, информирајте се добро за состојбата на делницата по која ќе патувате, обратете особено внимание на делниците на патиштата на кои се одвиваат градежни работи и бидете стрпливи на граничните премини и патарините.

Управувањето на моторно возило со брзина поголема од дозволената и под дејство на алкохол сигурно ќе има несакани последици: во најдобар случај парична казна и времено одземање на возачката дозвола, во најлош случај може да ве чини живот или телесен инвалидитет.

Зголемената фреквенција на сообраќај за време на празниците бара посебно внимание, концентрација и посветеност додека возите, затоа мобилните телефони и останатите уреди кои го одвлекуваат вниманието задолжително оставете ги на страна и секогаш користете безбедносен појас и детско седиште.

Почетокот на новата сезона е посебен предизвик за мотоциклистите. Покрај техничката проверка на моторот, важно е да се повторат сообраќајните правила и прописи, а особено правилата за ограничување на брзината и обврската за задолжителна употреба на кацига како за возачите така и за совозачите.

Пешаците и велосипедистите, како најранливи учесници во сообраќајот, да бидат внимателни, совесно да се однесуваат во сообраќајот и целосно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи кои се однесуваат на нив како учесници во сообраќајот. Посебно важно е да се користи опрема за пасивна безбедност и светла облека или рефлектирачко елече во ноќни услови и во услови на намалена видливост.