За Будимпешта јавните консултации против имигрантите се успех

Јавните консултации коишто од почетокот на октомври ги покрена владата на унгарскиот премиер Виктор Оран со цел да се добие легитимност за својата политика на противење на примање на имигрантите, се успешни, соопшти во неделата владата врз основа на делумните резултати.

Од 8,2 милиони луѓе во избирачкиот список, повеќе од 2,3 милиони одговориле на повикот за јавни консултации, а речиси сите тие ги поддржале ставот на официјална Будимпешта, соопшти портпаролот на владата Бенце Тужон, врз основа на 1,5 милиони одговори коишто до неделата биле анализирани.

„Унгарците рекоа ‘не’ за задолжителните квоти за релокација на имигрантите, како и за туркање на оградата којашто ги штити нашите граници“, соопшти владиниот портпарол.

Цел на консултациите, како што се толкува во Брисел, во прв ред е планот на американскиот милијардер иберзански шпекулант Џорџ Сорос, со еврејско унгарско потекло, кој сака да ја промовира имиграцијата во Европа во бројка од милион беглаци годишно, за што според сопствено признание во американските медиуми, подготвен е да вложи пари за нивно образование, сместување и интегрирање во европските општества.

Кон крајот на ноември, Сорос ги отфрли една по една сите точки од обвинувањата коишто ги формулираше унгарскиот премиер Виктор Орбан, обвинувајќи го него дека шири лажни тврдења и антисемитизам. Овој, пак, го обвини Сорос дека финансира невладини организации и опозиција мешајќи се во внатрешните работи на Унгарија за да ги оствари своите цели.

Левата опозиција, за којашто Будимпешта тврди дека е финансирана од Сорос, ги оспори владините бројки за учеството во консултациите, велејќи дека не било можно да се следат формуларите. Таа тврди дека е фијаско владиниот референдум од октомври 2016 година кога излегоа малку помалку од 50 отсто од гласачите, но владата наведува дека сите тие го поддржале одбивањето на задолжителните имиграциски квоти.

Европската комисија во четвртокот ја пријави Унгарија пред Судот на Европската унија за кршење на европските прописи во дури три области: поради непочитување на одлуката за распределбата на бегалските квоти, поради законот јаза високото образование според кој нема да добијат акредитации во Унгарија високите образовни странски институции кои немаат кампуси во матичните земји при што ќе настрада току универзитетот на Џорџ Соро, како и за законот за невладините организации кои се финансираат од странство кои треба да се пријавуваат со поголема транспарентност, што за Брисел е дискриминаторска одлука.

 

Централните членки пред Судот на ЕУ,  Унгарија рекордер

Европската комисија еднаш месечно објавува пакет за кршењето на европските прописи, кој се состои од предупредувања до пријави на Судот на ЕУ. Унгарија во четвртокот стана апсолутен рекордер: пријавена е до Судот на ЕУ за три случаи, а во уште неколку предмети доби сериозни предупредувања.

Заедно со Чешка и Полска, Унгарија оди пред Судот на ЕУ поради непочитување на одлуката за распределба на бегалските квоти, кои Европската унија ги договори во 2015 година за да ги растовари Грција и Италија, каде што масовно пристигнуваа во бегалскиот бран најголемиот на европскиот континент по Втората светска војна. Унгарија и Полска не примија ниту еден бегалец, додека Чешка примила само 12, и тоа христијани од Сирија.

Вториот случај поради кој иде на суд се однесува на Законот за високото образование од 4-ти април 2017 година, со кој на универзитетите од ЕУ и надвор од неа им се ограничува дејствувањето доколку немаат акредитации и кампуси во матичните земји. Овие измени во прв ред се однесуваат на Централноевропскиот универизтет во Будимпешта, чиј основач е Џорџ Сорос.

Унгарија оди на суд и поради својот закон за невладините организации, со кој се обврзуваат сите невладини организации кои од странство годишно добиваат над 7,2 милиони форинти, или 24.000 евра, официјално да се регистрираат како невладини организации кои се финансираат од странство и како такви мора да се идентификуваат на секое соопштение за јавноста, памлфет, веб страница или извештај кој ќе го состават. Во спротивно им се заканува забрана за вршење на дејноста. И овој закон се смета за удар врз невладините организации коишто, исто така, ги финансира Сорос.