За четири години цената на мобилната телефонија намалена за 63 отсто

Во последните четири години просечната цена за минута разговор која ја плаќаат граѓаните во мобилната телефонија е намалена за нешто повеќе од 63%. Ако во 2010-та година, просечната цена на минута разговор изнесувала 3,4 денари, на крајот од 2014-та, истата изнесува точно 1,27 денар, покажуваат податоците на Агенцијата за електронски комуникации, пишува Лидер.

За истиот период, мобилната телефонија се рашири за околу 110 проценти. Надлежните очекуваат дека во период од шест до седум години, пенетрацијата на пазарот ќе изнесува околу 130%, што е просек во Европската унија. Земајќи ги предвид овие бројки, може да се констатира дека македонскиот телекомуникациски пазар е во чекор со светските трендови.

Според последниот извештај на Агенцијата за електронски комуникации за четвртиот квартал од минатата година, мобилната телефонија продолжува континуирано да расте. На пазарот има над 2,2 милиони активни претплатници. Како што се намалуваат цените за разговор, расте бројот на остварени повици, нивното времетраење, испратените СМС и ММС пораки. Податоците покажуваат дека претплатниците во просек месечно остварувале по 100,4 повици, од кои над 70 проценти во сопствената мрежа. Расте и користењето на мобилниот интернет, но се намалува употребата на фиксната телефонија.

Од почетокот на овој месец, нова поволност за мобилните претплатници кои често патуваат во регионот. Роаминг услугите се намалуваат за речиси 73%. За мобилен разговор новата цена изнесува 17,9 денари плус ДДВ а, за СМС 5,6  денари. Ќе се намали до 3,7 до 2017-та кога е предвидено да биде последното намалување на цените. Еден мегабајт интернет чини 43,2 денара или поевтино за 90%.

Од друга страна, телекомуникациските оператори на македонскиот пазар се соочуваат со можеби најнеизвесното лето во нивното постоење. Пазарот се окрупнува, се случува процес на прегрупирање на силите на операторите, додека крајните корисници очекуваат нови и подобри услуги, но и поконкурентни цени.

Од четири оператори на македонскиот телекомуникациски пазар, може да останат само два. Виртуелниот мобилен оператор Албафон пропадна по само две години, ОНЕ и ВИП чекаат на зелено светло за нивното спојување, Т-Мобиле и Македонски Телеком станаа една компанија. Сите трендови укажуваат на тоа дека летово претстојат сериозни промени на домашниот пазар, а останува прашањето дали окрупнувањето ќе донесе подобри услуги или посолени цени за крајните корисници?!

Одлука за спојувањето на ВИП и ОНЕ до четврток?

Оваа недела ќе се знае дали во моментов вториот и третиот по големина оператор, ВИП и ОНЕ, ќе се спојат. Според информациите, одлуката до четврток, 9-ти јули, треба да ја донесе Комисијата за заштита на конкуренцијата.

Телеком Австрија и Телеком Словениј, сопствениците на ВИП оператор и ОНЕ, лани ја донесоа одлуката за спојување во нов оператор со име „оне.ВИП“. Договорот предвидува Австријците да имаат 55% од капиталот и контрола над новиот ентитет. Анализите покажуваат дека ако македонскиот регулатор го одобри спојувањето, новата компанија ќе биде лидер во однос на бројот на претплатници. Ова ќе значи дека Т-Мобиле,  кој досега беше лидер на пазарот, ќе биде симнат од тронот. Имено, според последните податоци на АЕК од четвртиот квартал од минатата година, Т-Мобиле на пазарот има удел од 46,35%, според вкупниот број на претплатници. Од друга страна, ВИП и ОНЕ заедно имаат 52,36% од вкупниот број на активни претплатници, колку што би имал и новиот правен субјект.

Од АЕК, пак, смируваат дека евентуалното спојување нема да значи и повисоки цени. „Граѓаните воопшто не треба да се вознемируваат ако дојде до тоа спојување, што ќе значи дека ќе имаме ситуација на пазар со два оператора. Ние сигурно ќе бидеме тие кои ќе поканат и нови оператори да се приклучат“ – рече неодамна првиот човек на Агенцијата, Роберт Ордановски.

Ако добијат зелено светло за спојување, аналитичарите велат дека сериозни промени ќе се случат на телекомуникацискиот пазар во земјава. Ќе се стесни конкуренцијата, двата гиганти, додека не се појави нов оператор, ќе бидат во трка и во фиксната, мобилната телефонија, интернет услугите.