Македонија

Интернет обложување и во Македонија, Владата формира „Државна видео лотарија“

Интернет обложување и во Македонија, Владата формира „Државна видео лотарија“

Од обложување во странство од земјава годишно се одлеваат по десет милиони евра, па за да се спречи тоа Македонија добива Државна видео Лотарија, најави денеска владиниот портпарол, Александар Ѓорѓиев.

„Од направените анализи произлегува дека во рамки на една година над 10 милиони евра имаме одлив на средства по основ на овие издатоци“, рече денеска Ѓорѓиев, одговарајќи на новинарско прашање, по најавата за новиот начин на организирање на игри на среќа преку Интернет.

Поради големите износи за вложување во ваков систем голем број играчи од Македонија, како што нагласи тој, беа принудени да се обложуваат на странски сајтови. Поради тоа Владата минатата година објави меѓународен јавен повик за избор на странска компанија за оваа намена.

„Како најсоодветен и најбонитетен партнер кој што се јави на овој меѓународен повик беше избрана реномираната компанија во оваа сфера ‘Австрија казино’ , која е една од најзначајните субејкти во светски рамки“, појасни Ѓорѓиев.

Затоа Владата најпрвин донесе измени на Законот за приредување игри на среќа и забавни игри, со кои се создадоа услови за инвестициско вложување од страна на приватен капитал во процесот на воспоставување на државна лотарија за интернет игри на среќа, а дополнителни цели се регулација на постоечки состојби преку правење системско решение, создавање на нови можности за развој на оваа дејност и овозможување на државна контрола на игрите на среќа на интернет.

„Ќе биде формиран посебен правен субејкт и ќе го носи називот Државна видео лотарија. Во тој нов правен субејкт ќе учествуваат двајца партнери, тоа ќе биде Државната лотарија на Македонија, односно државата со 51 отсто од сопственоста, а вториот партнер ќе биде реномираната компанија ‘Австрија казино’ со 49 отсто“, рече Ѓорѓиев.

Со стартот со приредувањето на игри на среќа организирани од Државната видео лотарија, рече тој, од тој момент во период од наредните две години, надлежните институции како што се Агенцијата за електронски комуникации, Министерството за информатичко општество, врз основа на најдобрите светски практики за домашните играчи ќе го оневозможат играњето на интернет игри на среќа на странски сајтови и странски веб страници.