За девет месеци убиени 10.000 припадници на ИД

Повеќе од 10.000 припадници на Исламска држава загинале откако пред девет месеци меѓународната коалиција покрена воена кампања против таа екстремистичка органзиација во Ирак и во Сирија, изјави Ентони Блинкен заменик на американскиот државен секретар.

Во изјава за француското Радио Интер тој рече дека е направен голем чекор во борбата против ИД, но некои нејзини борци и понатаму даваат отпор, пренесува МИА.

– Во почетокот на кампањата рековме дека ќе биде потребно време и од тригодишниот план поминаа девет месеци, рече Блинкен, ден по состанокот на претставници на меѓународната коалиција во Париз.

Ирачкиот премиер Хајдер ал Абади се пожали вчера во Париз на недостиг од поддршка на меѓународните коалициски сојузници во борбата против ИД.