За Димитров не е прифатливо името „Горнамакедонија“ напишано заедно

Тешко е да се аргументиран терминот „Горнамакедонија“ напишано слеано, зашто доколку се изговори брзо може да не звучи како Македонија, изјави шефот на македонската дипломатија Никола Димитров во петокот на заедничка прес конференција со грчкиот министер, Никос Коѕијас.

Димитров истакна дека имале добри разговори во кои доминирало прашањето за разликите околу името и за градење на идните односи.

„Заеднички интерес е да се најде решение за овој долгогодишен проблем. Прашањето трае долго, се обидуваме да градиме доверба и да ги отстраниме предрасудите кои се уште постојат. И од другата страна има желба за разговор и за изнаоѓање решение“, кажа Димитров.

На прашање од грчки новинар за предлогот „Горнамакедонија“, како слеано име и непреведено, односно што ќе фигурира само на словенски јазик, Никола Димитров, објасни зошто тој предлог не е прифатлив за Македонија.

„Во дилема сум бидејќи обично јавно не отворам позиции, дали да одговорам директно и прецизно или општо во целина. Мислам дека во сегашната привремена референца, ФИРОМ, постои името Република Македонија. Тоа име е преведливо на шестте официјални јазици во ОН. Мислам дека тука тешко ми е на својот народ да му кажам бидејќи ние сме народ под тоа име, иако идентитетот разликува кога ќе се каже Македонија во Грција и Македонија во нашата земја. Тешко е да се аргументира кога имаме еден збор како тој. Ако се изговори брзо може да се подизгуби, да не звучи како Македонија. Мислам дека е тоа тежок аргумент, мислам дека можам да најдам многу аргументи да објаснам зошто тоа не е најдобар правец“ рече Димитров.

На почетокот од конференцијата за медиумит Димитров на својот грчки колега му се обрати со „драг Никос“ и рече дека имале конструктивен разговор претходно.

„Кога размислуваме за иднината тешко е да се најдат разлики, но за да се стигне до таму треба да ја надминеме актуелната разлика околу името. Задачата не е лесна, ова практично е втора вистинска средба на која разговараме за сите суштински елементи. Станува збор за многу деликатен баланс. Половина ден размислувам што е важно за јавноста во Грција, а другата половина што е најважно за нас. Ако мало чекорче се направи во еден правец, целата равенка се поместува“, рече Димитров.

Додаде дека двете страни се обидуваат да изградат доверба, но посочи дека смета оти се’ уште постојат редрасуди.

„Мислам дека и од другата страна, се надевам Никос тоа ќе го потврди, има вистинска желба ова да се надмине, на начин што нема да понижи никого. Најважно е да не се допираат вакви прашања, но тоа не помага, затоа ќе продолжиме“, рече Димитров додавајќи дека следната седмица ќе има уште една меѓусебна средба повторно во Виена со посредство на медијаторот Метју Нимиц.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.