За дури 67 отсто зголемени буџетските средства за образованието

За 67 отсто се зголемени средствата во Буџетот на Македонија за оваа година за образованието, кое што е врвен приоритет на Владата, рече, меѓудругото, премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во рамки на презентацијата за сработеното во изминатите три години.

„Образованието е приоритет на Владата на Република Македонија. Буџетот за овој сектор е зголемен за 67 отсто и за 2014-та изнесува 22,4 милијарди денари. Од 2011 до 2014 година се изградени, доградени и реконструирани 65 училишта, а до почетокот на новата учебна 2014/2015 година планирана е изградба и реконструкција на уште 15 училишта“, рече Груевски.

Веќе петта година по ред, како што рече тој, се имплементира бесплатно образование, односно бесплатни учебници за сите ученици во основното и среднотоо бразование, за што досега се вложени 30 милиони евра.

„Обезбедивме и бесплатен превоз за учениците кои посетуваат училишта кои се оддалечени повеќе од 2,5 километри од нивните домови. Значително е зголемен бројот на стипендии кои се доделуваат за студирање на сите три циклуси на високо образование на престижни странски високообразовни установи, а се доделуваат и голем број други стипендии во различни категории“, појасни тој.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ зборуваше и за капиталниот владин проект за превод на „1000 стручни и научни книги“ од кои се учи на најпознатите универзитети во светот со кој што студентите можат да го стекнат знаењето или да ги добијат информациите кои ги имаат нивните колеги од Оксфорд, Харвард, Шефилд, Кембриџ, Јеил.