За два месеци извоз од над 696 милиони долари

Вкупната вредност на извозот на стоки од Македонија во првите два месеца од година е 696 милиони и 890 илјади долари, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Во истиот период, увозот на стоки е една милијарда 70 милиони 984 илјади долари, па така покриеноста на увозот со извозот е 65,1 отсто. Трговскиот дефицит во првите два месеци е 374 милиони и 93 илјади долари.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на
носачи со благородни метали или нивни соединенија, феросилициумот, фероникелот, облеката и производите
од железо и челик (валани производи). Во увозот најмногу се застапени платина и легурите на платина,
необработени или во прав, суровата нафта, електричната енергија и други метали од платинската група и нивни
легури, необработени или во облик на прав.

Во периодот јануари – февруари 2014 година, најголемо учество во извозот на стоки имаат земјите-членки на ЕУ
28 со 80,8 отсто и земјите од Западен Балкан со 12,2 отсто, а во увозот на стоки најголемо учество имаат земјите-членки на ЕУ 28 со 64,9 отсто и земјите од Западен Балкан  со десет отсто.

Според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Македонија најмногу тргува со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Бугарија, односно дури 53,6 отсто од вкупната надворешно-трговска размена се врши со овие пет земји.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.