За еден ден шест сообраќајки во Скопје, три лица повредени

Во изминатото деноноќие на подрачјето на град Скопје, сообраќајната полиција извршила увид на шест сообраќајки.

Од нив, три се со последица материјална штета и три се со последица телесна повреда во кои со полесни повреди се здобиле двајца пешаци и еден велосипедист.

Во текот на вчерашниот ден од страна на сообраќајната полиција откриени и санкционирани се 16 возачи кои не го користеле безбедносниот појас или го користеле мобилниот телефон за време на управување со возилото, четворица возачи кои не ги почитувале светлосно сообраќајните знаци на крстосниците, односно поминале на црвено светло на семафорите, како и седум возачи кои ги управувале своите возила по истекот на важноста на сообраќајната дозвола или без возачка дозвола.

Со помош на специјалното возило „пајак“ во текот на изминатиот ден од страна на сообраќајната полиција отстранети се 66 возила кои го попречувале нормалното одвивање на сообраќајот.

Денеска Отсекот за превенција при Единицата за безбедност во патниот сообраќај при СВР Скопје ќе одржи едукативни работилници во Централното основно училиште „Герг Кастриоти Скендер-бег“, како и во подрачните училишта кои се наоѓаат на територијата на општина Арачиново со учениците од второ и четврто одделение.

Денеска со почеток во 12 часот група граѓани ќе организира протестен марш. Место на собирање на учесниците ќе биде пред Министерството за финансии на ул. „Македонија“ од каде ќе продолжат да се движат лево по ул. „Димитрие Чупоски“, десно по ул. „Васил Главинов“ во продолжение кон бул. „ВМРО“, десно по бул. „Гоце Делчев“, десно по ул. „Иљо Војвода“ па се до плоштадот „Св. Климент и Наум“.

Во сабота со почеток во 17 часот во СЦ „Јане Сандански“ во рамките на плеј-офот на Супер лигата ќе се одигра ракометен натпревар помеѓу Вардар и Металург. Со цел непречено одвивање на сообраќајот и на двата вонредни настани од страна на сообраќајната полиција ќе бидат преземени мерки за сообраќајно обезбедување, а во зависност од моменталните состојби можно е и пренасочување на сообраќајот.