Македонија

За еден месец вработени 1.216 лица преку „Македонија вработува“

За еден месец вработени 1.216 лица преку „Македонија вработува“

Вкупно 1.216 лица се вработиле во првиот месец од спроведувањето на проектот „Македонија вработува“. Очекувам оваа динамика на вработувања уште повеќе да се забрза во следниот период, истакна денеска во Скопје премиерот Никола Груевски, одговарајќи на новинарско прашање.

-Проектот „Македонија вработува“ оди одлично. Со првиот месец вработени се 1.216 луѓе кои претходно биле невработени. Тоа е идентично како четири фабрики со по 300 и неколку луѓе или една голема од 1.216 луѓе. Се обидувам пластично да пренесам што значи за еден месец да бидат вработени 1.216 лица. Овој проект го најавивме во март, веднаш потоа следуваа законски измени кои ги усвои Парламентот и тој стапи на сила на 27 април, така што досега се вработени 1.216 луѓе. Јас верувам дека овој проект понатаму ќе продолжи со ваква и уште посилна динамика бидејќи првиот месец се уште сите не ги знаат условите, а сега веќе полека сите ги дознаваат тие услови коишто се за вработување, рече Груевски по пуштањето во употреба на двојно тениско игралиште во рамки на Спортскиот центар „Борис Трајковски“.

Тој подвлече дека ова е проект кој е директно насочен кон зголемување на вработеноста, односно на намалување на невработеноста во РМ, но е и директна помош пред се на домашните компании во државата.

– Од околу 980 компании коишто аплицирале да бидат дел од овој проект, околу 780 се мали компании со број на вработени до 10, додека околу 200 се со над 200 вработени. Така што ова се параметри кои покажуваат дека овој проект им помага, особено на малите и средни компании во Република Македонија, посочи премиерот Груевски.