Македонија

За една година направени 6.407 прегледи во педијатрискиот пункт во „Јане Сандански“

За една година направени 6.407 прегледи во педијатрискиот пункт во „Јане Сандански“
За една година направени 6.407 прегледи во педијатрискиот пункт во „Јане Сандански“

Дежурниот педијатриски пункт во поликлиниката „Јане Сандански“ во првата година од своето работење оствари вкупно 6.407 прегледи на деца, направени се 4.120 лабораториски анализи, а само 990 деца се препратени на повисоко ниво, изјави денеска директорката на Здравствен дом – Скопје, Тања Баевска Вучковиќ.

При посетата на поликлиниката „Јане Сандански“, по повод една година  од отворањето на Педијатриски пункт, Баевска Вучковиќ истакна дека со неговото работење е постигнато растеретување на клиниките и филтер, што ги покрива оние часови кога матичните лекари ќе завршат со својата работа, за што покажува и тоа дека само 15 проценти од децата кои се јавиле во овој пункт се препратени на некоја од клиниките, пишува МИА.

-Најчести ситуации и состојби за кои што децата се јавуваат се фебрилни состојби, болки во стомакот, кашлици и друго. Децата ги прегледува специјалист и за сериозни упатни дијагнози ги упатува на повиско ниво за понатамошна дијагностика или третман, исткана таа, додавајќи дека од вкупно 990 деца, 475 или близу половина се упатени на Детската клиника.

Баевска Вучковиќ, исто така, нагласи дека преку службите на итна медицинска помош и домашно лекување и ноќните дежурни пунктови во тек на 24 часа во празничните денови и во викендот е реализиран стандарден број интервенции од 80 до 120, а отстапување имало на 7 јануари во текот на вечерните часови со четири миокардни инфаркти и две сообраќајни незгоди со три повредени лица.

-Овој период немавме како други години состојби на прејадување и алкохолни или друг вид интоксикации. Дежурните пунктови работеа со зголемен обем, посебно Ченто и Ѓорче Петров, каде бележеа и до 150 прегледи, нагласи Вучковиќ, додавајќи дека покрај вирозите, зимските услови и промената на времето, и луѓето се во колективи и многу брзо има пренос на инфекции.

Педијатар др.Искра Мартиновска, нагласи дека во овој период заради загадувањето позачестени се респираторните инфекции, најчесто горно-респираторни, додкеа децата најчесто доаѓаат со симптоми на кашлица, отежнато дишење и секрет од нос.

Здравствен дом Скопје, продолжи Баевска Вучковиќ, благодарение на тимската работа 2015 година ја заврши со еден милион здравствени услуги, од кои 500 илјади се во специјалистичката, секундардна здравствена заштита, која е филтер на терциерното здравство.

-Во 2014 година завршивме со 470 илјади услуги, а 2015 со 500 илјади, што значи 30 илјади повеќе здравствени услуги имаме на секундарно ниво со што сериозно ја растеретуваме терциерната здравствена заштита. Повеќе од 90 проценти се комплетно обработени кај нас, што значи дека помалку од 10 отсто се препратени на повиско ниво, што истовремено резултира со зголемено задоволство на пациенетите,  рече Баевска Вучковиќ.