За една година, склучени седум илјади хомосексуални бракови во Франција

Најмалку седум илјади хомосексуални бракови се склучени за една година кога стапи на сила Законот за истополови бракови, пренесуваат денеска француските медиуми.

Францускиот парламент на 23 април 2013 година го усвои законот кој им дозволува на хомосексуалците да се венчаат и да посвојуваат деца. Од тогаш до денеска се склопени повеќе од 7000 бракови, односно четири отсто повеќе отколку што се очекувало, соопшти Институтот за статистика.

Институтот наведува дека просечната возраст за мажите е 50 години, а за жените 43 години и додава дека во Париз се склопени најмногу хомосексуални бракови, точно 1332.Првиот хомосексуален развод е регистриран во Тулуз.

Министерството за правда не поседува точни податоци за бројот на такви разводи бидејќи нема статистички податоци за сексуалната ориентација на разведените луѓе.

Хомосексуалните бракови се легализирани во десетина држави во Европската унија и 18 држави во САД.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.