За една недела 790 јавувања на „Ало докторе“

Во изминатите седум дена на телефонската линија Ало докторе примени се 790 јавувања за здравствен совет. Од почетокот на функционирањето на линијата, примени се вкупно 15.030 јавувања, а за здравствен совет достапни се 22 доктори, а јавувањата се од сите градови на Македонија.

Јавувањата на Ало докторе најчесто се за медицинска помош со широк спектар на најразлична симтоматологија, кардиоваскуларни и респираторни симптоми, најчесто покачен крвен притисок, проблеми со покачена телесна температура, кашлица, настинки и симптомна болка.

Секој ден од 18 до 22 часот во кол центарот Ало докторе за медицински совет се дежурни и достапни за здравствен совет директорите на јавните здравствени установи.

Денес во кол центарот ќе биде дежурна д-р Смиља Туџарова, директорка на клиниката за пластична хирургија. Утре на Ало докторе ќе дежура проф. д-р Михаил Пенев од клиниката за урологија, во среда на 31.12 д-р Милан Ристевски од Институтот за радиотерапија и онкологија, на 01.012015 година д-р Славица Шубеска Стратакова од Клиниката за ендокринологија и во петок на 02.01.2015 д-р Реџеп Селмани, директор на УК за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување.

Во сабота на 03.01.2015 година на линијата Ало докторе ќе биде дежурна д-р Аспазија Софијанова, директорка на Клиниката за детски болести, а во недела на 04.01.2015 доц. д-р Сашко Кедев, директор на Институтот за кардиологија.