За една недела истекува рокот за аплицирање за бањско-климатска рекреација

Министерството за труд и социјална политика информира дека за една недела истекува рокот за пријавување за користење на услугата за “Бањско климатска рекреација на корисници на пензија за 2015 година”, како и за услугата “Бесплатен туристички викенд за корисници на пензија за 2015 година”.

Сите заинтересирани пензионери коишто ги исполнуваат условите може да аплицираат во подрачните филијали во Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија ширум државата.

Услугите “Бањско климатска рекреација на корисници на пензија за 2015 година” и “Бесплатен туристички викенд за корисници на пензија за 2015 година” може да ја користат лица корисници на старосна, инвалидска и семејна пензија остварена според прописите на Република Македонија и прописите на други држави со коишто Република Македонија има склучено договор за социјално осигурување.

Лицата корисници на пензија коишто користат и паричен надоместок за помош и нега од друго лице, додаток за мобилност или слепило имаат право на придружник за време на бањско климатската рекреација и бесплатниот туристички викенд.

При рангирањето на поднесените барања, приоритет ќе им биде даден на пензионерите коишто пред пензионирањето работеле во рудници со подземен ископ и на пензионерите коишто се корисници на инвалидска пензија со утврден повисок процент на инвалидност.