За една недела пет странски компании ги промовираа своите инвестиции

Франк Михаелис, исто така еден од управителите на „Инџекшн холдинг Прилеп“, посочи дека првата и најважната релација кога една германска компанија во Македонија гради фабрика е врската меѓу двете земји, а докази за македонско-германското пријателство не се само збратимените градови Скопје – Дрезден и Скопје – Нирнберг, туку и постојано растечката економска врска меѓу двете земји.

Министерот за привлекување странски инвестиции Бил Павлески во своето обраќање нагласи дека денеска Македонија добива уште еден член во семејството на странски компании во автомобилскиот сектор. Македонија како своја нова производствена локација ја одбрале во конкуренција на повеќе држави во регионот, пред се поради бизнис климата, квалитетната работна сила и одличната инфраструктура.

Со овој инвестициски проект Македонија се стекнува со уште еден доверлив и сигурен снабдувач на висококвалитетни производи кои ќе се користат во автомобилската индустрија и ќе ни овозможат привлекување на компанија производител на автомобили која ќе го заокружи целиот процес на производство, што впрочем претставува и наша крајна цел, истакна Павлески.

Италијанската „Кондоте“ која гради хидроелектрани во Македонија инвестира 19 милиони евра

Вкупно 19 милиони евра е инвестицијата на италијанската градежна компанија „Кондоте“ која гради четири мали хидроелектрани во Македонија. Електраната на Ештеричка река, над Пробиштип, е готова и ќе стартува со работа зимава, додека останатите три, две на Зрновска река во Кочанско и една на Кадина река во Скопско, се во различни фази од градба. Ова беше истакнато на прес конференција во Министерствот за економија, каде претставниците на компанијата имаа средба со министерот за економија Незири.

Инвестицијата на „Кондоте“ ангажира многу локални компании што придонесе за развој на регионалната економија, но посебно радува фактот што иако компанијата влегува со само 19 милиони евра, претставува потенцијален инвеститор кој ќе продолжи да вложува во Македонија, истакна Незири.

Претседателот и сопственик на „Кондоте“ Дучо Асталди изрази задоволство од соработката со македонските надлежни институции и партнерот „ИМПГ“ ДОО Скопје.

Особено сме задоволни од рамката што ја изготви македонската Влада за странските инвеститори, нагласи Асталди, додавајќи дека „Кондоте“ е заинтересирана за натамошни инвестиции во земјава.

Италијанската градежна компанија е една од водечките во светот, а на македонскиот пазар влезе во 2013 година. Има традиција од преку 130 години и гради инфраструктурни проекти на сите континенти, остварувајќи годишен обрт од 1,2 милијарди евра.

Во 2016- та најмалку 35 странски компании ќе донесат одлука за инвестирање во земјава

Нови странски инвеститори се во преговори со македонските власти за влез во земјава. Со дел, преговорите се во напредна фаза, дел чекаат да ги објават своите финални одлуки. Во игра се компании од повеќе сектори, крупни играчи во светската економија.

Во 2016-та, најмалку 35 нови компании ќе донесат одлуки за инвестирање и ќе ги објават. Со голем број компании сме во понапредна фаза на преговори. Позитивниот тренд во економијата, особено на полето на инвестициите, ќе продолжи и во 2016-та, за кога е проектиран раст на БДП од 4 проценти и натамошно намалување на невработеноста, вели премиерот Никола Груевски.

2016-та се очекува да биде рекордна година во однос на странските инвестиции во земјава. Само од слободните економски зони да биде креиран извоз од над 1,5 милијарда евра, но инвестициите се дисперзираат низ целата земја. „Маркард“ активно работи во Велес, за овој град е најавена уште една инвестиција, американски „Делфај“ донесе одлука да вложи 15 милиони евра во Бунарџик и да отвори 500 работни места, „КСС“ и „ОДВ Електрик“ се префрлаат во новите погони во Кичево и во Охрид и вкупно ќе креираат 2 илјади работни места, „Гентерм“ ја финишира изградбата на погоните во Прилеп, „Костал“ во орхидско – струшката зона вложува 50 милиони евра и отвора уште илјада работни места, американски „Леар“ во Тетово отвора до 3 илјади работни места, а „Кондево“ се реши за Штип.

Годинава во Бунарџик влегуваат и две домашни компании: „Хајтек“ и „Технопласт“. Вкупно треба да отворат 500 работни места.