За Ердоган заканата по Турција доаѓа од САД

Заканата за Турција произлегува главно од нејзините стратешки партнери, изјави турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган во интервјуто за телевизијата NTV емитувано во саботата вечерта, мислејќи на САД кои ги поддржуваат силите на сириските Курди коишто Анкара ги смета за крило на забранетата Работничка партија на Курдистан (PKK) и војува против нив во соседна Сирија.

„Од каде произлегува заканата: Таа доаѓа, пред сѐ, од нашите стратешки партнери (…) Ние не можеме да купуваме оружје до САД за наши пари, но, за жал, САД и коалицијата слободно трансферираат оружје и муниција на терористичките организации“, рече турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, алудирајќи на Единиците за одбрана на народот (YPG) на Курдите во Сирија.

Ердоган додаде дека САД доставиле „пет илјади камиони со оружје“ на северот од Сирија, и оти тоа претставува непосредна закана за безбедноста на Турција.

Турскиот челник, исто така, го критикуваше Вашингтон и поради одбивањето да го екстрадира во Турција исламистичкиот проповедник Фетула Ѓулен, негов поранешен близок сојузник, кој од 1999 година живее во доброволен егзил во САД и кој е во моментов голем противник на Ердгоан. Тоа беше одговор на претседателот на прашањето за коментар на барањето на САД да се ослободи уапсениот во Турција евангелистички пастор Ендрју Брансон, кој е осомничен за припадност на FETO. Со ова име Анкара го идентификува движењето на поддржувачите на имамот Ѓулен, а по неуспешниот обид за воен преврат од 15-ти јули 2016 година го стави вон законот како терористичка организација.

„САД мора да внимаваат на чекорите коишто ги преземаа, и да го почитуваат договорот за екстрадиција, доколку сакаат американскиот пастор Брансон да биде на слобода“, рече Ердоган, додавајќи дека барањето на Вашингтон за ослободување на Брансон е нелегално.

Турските власти го обвинија Ѓулен дека стои зад формирањето паралелни структури во државната управа, како и за неуспешниот обид за пуч. Самиот Ѓулен го осуди обидот за воен удар и негираше дека поврзаност со бунтот, но Анкара побара негова екстрадиција од САД.

По бунтот во Турција беа приведени околу 50.000 лица под обвиненија за припадност на ѓулевистичкото движење, а околу 140.000 државни службеници, во правосудството, образованието на сите нивоа, полицијата и армијата беа отпуштени од работа. Тоа предизвика критики од западните и НАТО сојузници на Турција, и голема напнатост во односите меѓу Анкара и западните престолнини.

Меѓу притворените имаше и германо-турски новинари, а е пасторот Брансон, уапсен во октомври 2016 година. Во 2017 година, на средата со Ердоган американскиот претседател Доналд Трамп побара ослободување на евангелистичкиот проповедник, а во септември година Ердоган им предложи на САД да го испорачаат Ѓулен во замена за Брансон.